23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСледно за замрзнување е цената на свежото месо?!

Следно за замрзнување е цената на свежото месо?!

Кој производ е следен да се продава по цена која ќе ја наложи државата? Експертите сметаат дека досегашните замрзнати цени ќе дадат резултат, но потребно е да се реагира и во цената на свежото месо. Во Министерството за економија се прават последните анализи. Листата на самрзнати цени на прехранбените производи може да се зголеми.

Економистот Бранимир Јовановиќ за Денар вели дека добро е што Владата конечно прифати да ги замрзне цените на лебот, млекото и тестенините. На ваков начин смета дека ова дефинитивно ќе ја заузда малку инфлацијата. Пресметките се дека учеството на лебот и житата во потрошувачката кошница е 8.4%, а на млекото и млечните производи 7.8%, што е доста високо. Дополнително, токму овие две групи производи имаат највисок раст на цените во однос на лани – лебот и житата се 40% поскапи од лани, а млекото и млечните производи 37%. Сега Јовановиќ предлага, по ограничувањето на цената на овие две групи, треба да се направи истото и со месото. Месото има најголемо учество во потрошувачката кошница, од 9%, и годишна инфлација од 30%.

„Не се издржани критиките дека со ограничувањето на цените ќе бидат погодени фирмите од овие дејности. Фирмите веќе прават сосема солидни профити, и сега тие профити само малку ќе им се намалат. На светските берзи, цените на сите овие производи моментално се пониски отколку пред една година – на месото за 2%, на млечните производи за 7%, што значи дека цените во Македонија се високи поради зголемените профити на фирмите. Не се согласувам ни со критиките дека во пазарна економија нема место за вакви мерки. Напротив, секоја пазарна економија, за да биде функционална, мора да има државна регулација и интервенција. Без тоа нема функционална пазарна економија, има див запад“, вели Бранимир Јовановиќ од Виенски институт за меѓународни економски студии.

Ваквата состојба во економијата Јовановиќ ја споредува со сообраќајот, кој не може да функционира без сообраќајни знаци, семафори, па понекогаш и сообраќајни полицајци, така ни економијата не може да функционира без државна регулација.

„Она што исто така сметам дека е многу важно да се сфати е дека замрзнувањето на цените, колку и да е потребно, не е доволно. Тоа ќе ја заузда инфлацијата, ќе спречи цените да продолжат да растат, ама нема да направи цените да се вратат на нивото од пред една година. Тоа никогаш нема да се случи, никогаш нема цените да се намалат на нивото од пред војната. Тоа е добро позната законитост во економската наука, дека цените се ригидни надолу, односно, дека скоро никогаш не се намалуваат. Затоа, Владата треба да преземе мерки и за покачување на примањата на луѓето, како компензација за инфлацијата. Најавеното покачување на минималната плата за околу 10% е во ред (не е доволно, но е подобро од ништо), но не смее да остане само на тоа. Мора да се покачат и сите останати плати во економијата. Првото што треба да го направи државата тука е да ги зголеми платите во јавниот сектор, повторно за барем 10%. Тоа ќе направи притисок и врз платите од приватниот сектор. Треба да се зголемат и пензиите и социјалната помош, за што веќе има најави“, Додава Јовановиќ.

Од Министерството за економија кои се надлежни за оваа проблематика велат дека со замрзнувањето на цените, ниту еден од производителите нема да загуби. Додаваат дека предвиден е профит за нив, но додаваат дека не треба да има воено профитерство. И да го користат моментот за да направат дополнителни профити. Во однос на замрзнување на цените на други производи, додаваат дека се прават дополнителни анализи.

„Ние ги носиме одлуките согласно направените анализи од секторот трговија и од Државниот пазарен инспекторат. Не беше испочитувано тоа што беше договорено пред да се воведе мерката за субвенционирање на електрична енергија за компаниите од прехранбената индустрија. Одлучивме тоа да се укине, а дополнително, согласно сите анализи, да се направат големи маржи на профит, со цел да им излеземе во пресрет на граѓаните, и кризата како товар да не биде само на нивен грб“, велат од министерството за економија.

Ограничувањето на цените било присутно отсекогаш, уште во антички времиња, уште од Законикот на Хамураби. Најпознатиот пример од поновата историја доаѓа токму од колевката на пазарната економија, односно, Америка. Америка од 1941 година, па сѐ до 1981 година, има државна агенција која се занимава со контрола на цените. Праксата е напуштена по доаѓањето на власт на Реган, кога всушност започнува периодот на неолиберализам.

Оваа мерка за замрзнување на цените во Македонија доаѓа по неуспешниот обид на владата компаниите производители на храна да ги намалат цените за граѓаните, а тие да користат поевтина струја од онаа на берзите која ќе биде платена со народни пари.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП