3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропската унија го зголемува буџетот за воена поддршка

Европската унија го зголемува буџетот за воена поддршка

Земјите-членки на Европската унија во вторникот одобрија зголемување на буџетот на Европскиот мировен фонд (ЕПФ) на осум милијарди евра до 2027-ма година за да обезбедат воени материјали за Украина и да ги надополнат сопствените резерви на блокот.

„Советот на ЕУ усвои одлука за зголемување на финансискиот плафон на Европскиот фонд за мир на 7,979 милијарди евра (во тековни цени) до 2027-ма година, притоа осигурувајќи дека може да се покријат дополнителни финансиски потреби“, соопшти институцијата на ЕУ што ги претставува земјите-членки.

Одлуката го потврдува политичкиот договор постигнат од министрите за надворешни работи на ЕУ во декември за зголемување на буџетот на ЕПФ за две милијарди евра во 2023-та година и овозможување натамошни зголемувања до 5,5 милијарди евра до 2027-ма година.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, го нарече Европскиот мировен фонд „интегрален дел од поддршката на ЕУ за промоција на мирот и безбедноста на глобално ниво“.

Со измена на буџетот на ЕУ, ЕУ ќе може да го спроведе последниот предлог на Борел за итно снабдување со муниција на Украина и да ги надополни залихите на земјите-членки на ЕУ со заеднички набавки.

Според планот, земјите-членки на ЕУ кои испраќаат муниција од сопствените залихи во Украина би можеле да добијат компензација од овој фонд до вкупно една милијарда евра.

Предлогот предвидува уште една милијарда евра за заедничка набавка преку Европската агенција за одбрана. Се очекува министрите за надворешни работи и за одбрана на ЕУ да дадат зелено светло за иницијативата на нивниот состанок на 20-ти март.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП