6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНародната банка ќе биде домаќин на Годишниот форум на „Виенската иницијатива“

Народната банка ќе биде домаќин на Годишниот форум на „Виенската иницијатива“

Народната банка ја има честа годинава да биде домаќин на Годишниот форум на „Виенската иницијатива“ ‒ меѓународна рамка за соработка за одржување на финансиската стабилност во регионот на Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ). Форумот ќе се одржи на 23 и 24 март во Скопје. Ова е еден од најголемите годишни собири во областа на финансиите во Европа, на кој сите релевантни чинители, меѓународните финансиски институции, европските финансиски институции, регулаторите и претставниците на приватниот финансиски сектор разговараат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор, но и за поопшти макроекономски прашања.

„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ. Таа е формирана преку координација на Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, за време на првиот бран на Глобалната финансиска криза во 2009 година. Иницијативата обезбеди форум за носење одлуки и координација за да се спречат системските банкарски ризици и за обезбедување услови за непречени кредитни текови во економиите во регионот. По завршувањето на Глобалната финансиска криза, рамката сѐ уште постои како платформа за дискусија помеѓу регулаторите и банките за прашањата како раздолжување, нефункционални заеми, банкарска фрагментација, примената на новите регулаторни стандарди за банките, како и поддршка на приспособувањето на регионот кон новиот модел на раст.

На Форумот во Скопје се најавени се високи гости, гувернери на централните банки од ЦИЈЕ и високи претставници на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската централна банка и Европската комисија, како и претставници од банкарскиот сектор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП