19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција ќе стане „кралица“ на златните визи за богатите Американци

Грција ќе стане „кралица“ на златните визи за богатите Американци

Медитеранското бегство во Грција е фантазија на многу луѓе ширум светот, но во најдобар случај, повеќето го доживуваат само како двонеделен одмор со враќање во реалноста. За други, пак, тоа можеби не е само бегство, туку вистински начин на живот. Се додека имаат пари за трошење, пишува „CNBC“.

Во 2022-ра година нашиот јужен сосед ќе забележи нагло зголемување на апликантите за учество во програмата „престој по инвестиција“. Апликациите издадени според шемата „златна виза“, која им дава петгодишна дозвола за престој на луѓето кои инвестираат минимум 250.000 долари во недвижен имот, речиси двојно се зголемија на 2.767, според податоците на грчкото Министерство за миграција.

Традиционално, кинеските државјани се главните апликанти за програмата, со 63% од сите апликации од нејзиното основање во 2014-та година. Но, сега се појавува нова група инвеститори: богати Американци.

Според инвестициската имиграциска компанија „Astons“, само во 2021-ва година, апликациите од богати американски граѓани пораснале за дури 740%, позиционирајќи ја Грција како трета најпосакувана дестинација на Американците за „престој по инвестиција“ по Португалија и Обединетото Кралство.

Португалија веќе неколку години е претпочитана дестинација за богатите Американци кои имигрираат во сончевата земја главно поради нејзината умерена клима, добриот квалитет на живот и пристапот до Шенген зоната на ЕУ.

Меѓутоа, минатиот месец Португалија објави дека се откажува од програмата „Златна виза“ само неколку дена откако Ирска го стори тоа. Со „расчистениот пат“ сега можеби Грција ќе ја земе круната.

Алина Лесина, експерт за имиграција во „Astons USA“, коментира дека се чини сосема можно Грција да стане „изборна дестинација“ за богатите американски емигранти.

„Во последниве години, не само што беше втората најпопуларна европска златна визна шема меѓу американските инвеститори, туку имаше и огромен пораст на овој интерес на годишно ниво“, објаснува Лесина.

Олимпија Анастасопулу, главен секретар за туристичка политика и развој во грчкото Министерство за туризам, рече дека трендот не е изненадувачки со оглед на широката привлечност на земјата до туристите.

„Во споредба со овие други земји, имаме конкурентна предност“, изјави Анастасопулу за „CNBC Travel“ во Берлин.

„Имаме пониски трошоци за живот, одлична клима во текот на целата година“, додаде таа.

Грција веќе најави дека од мај ќе го удвои својот минимален праг на инвестиции на 500.000 долари, со што ќе се приближи до слични програми во други земји како Шпанија.

Според Анастасопулу, ова е „за заштита на локалниот пазар на недвижности и за заштита на младите“. Но, промените ќе бидат отворени за реевалуација и можно прилагодување, додаде таа.

Грција е рангирана меѓу водечките програми во светот „престој по инвестиции“, според најновиот индекс според консултантската куќа за државјанство и престој „Henley & Partners“.

Европските земји во моментов доминираат на рангирањето на ваквите индекси, добивајќи високи оценки за времето на обработка на документите, квалитетот на животот и вкупните трошоци.

Но, иако некои земји на континентот ги ограничуваат златните визи, конкуренцијата за привлекување богати луѓе се интензивира на глобално ниво. Африканските земји, исто така, нудат нови програми за престој и двојно државјанство во замена за финансиска инјекција од инвеститорите.

Еден пример за ова е Кенија, која бележи сериозен напредок во воведувањето државјанство со инвестиции. Уганда, исто така, наводно размислува за слична програма.

Островот Маурициус во Индискиот Океан нуди „златна виза“ со минимална инвестиција од 375.000 долари во еден од шесте луксузни имоти. Блиските Сејшелиски Острови нудат државјанство за инвестиција од најмалку 1 милион долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП