Народната банка е активно вклучена во активностите на работните групи за подготовка на преговарачките позиции за пристапување на нашата земја во Европската Унија, по одделни поглавја и области и во тековниот процес на билатералната фаза на аналитички преглед на законодавството (англ. Screening) со Европската Унија. Во рамките на Кластерот 2 – Внатрешен пазар, а конкретно за Поглавјето 9 – Финансиски услуги, свое излагање имаа Фросина Целеска и Лидија Пушевска-Марковска од Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки во рамките на подрачјето „Банкарство и финансиски конгломерати“ и Игор Величковски од Дирекцијата за платни системи во однос на подрачјето „Платни системи и платежни услуги“.
Во подрачјето „Банкарство и финансиски конгломерати“, претставниците на Народната банка ја презентираа примената на директивата и регулативата за капиталните барања на кредитните институции, примената на директивата за закрепнување и решавање банки и на директивата за реорганизација и престанок со работа на кредитните институции. Во овој домен беше истакнато високото ниво на усогласеност на домашната банкарска регулатива и супервизија, за коешто потврда е и Одлуката на Европската комисија од 1 октомври 2021 година за усогласеноста на супервизорските и регулаторните барања во Република Северна Македонија со тие пропишани со соодветните прудентни барања и стандарди во ЕУ. На состанокот беа презентирани моменталните состојби и трендови во домашниот банкарски систем, како и детален опис на стандардите и практиките коишто ги применува Народната банка при вршењето на супервизорската функција. Стана збор и за идните планови во однос на постојаните активности на Народната банка за следење и усогласување со сите новини во ЕУ, коишто се однесуваат на регулативата и супервизијата на кредитните институции. Посебен акцент во овој дел беше ставен на активностите коишто се преземаат заради примена на барањата поврзани со воспоставувањето на функцијата за решавање банки, како во однос на обезбедувањето соодветна законска рамка усогласена со директивата за закрепнување и решавање банки, така и во однос на градењето соодветни организациски и човечки ресурси за спроведување на оваа функција од страна на Народната банка.

