24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Citigroup“: Русија може да го користи извозот на метали како оружје

„Citigroup“: Русија може да го користи извозот на метали како оружје

„Citigroup“ ги предупредува клиентите за ризикот дека Русија може да го искористи извозот на металите како алуминиум, паладиум и нуклеарните горива како оружје. Ова има потенцијал да ги зголеми цените на овие клучни артикли.

Ниту еден од овие материјали, широко користени во индустриското и енергетското производство, сè уште не е предмет на западни санкции или извозни ограничувања од Русија поради војната во Украина.

Евентуалната одлука на Русија да го ограничи извозот на овие материјали сериозно ќе влијае на пазарите на стоки, ќе ги наруши глобалните синџири на снабдување и ќе создаде проблеми за производителите.

Производството на некои метали во Русија сочинува околу една четвртина од нивното светско производство, наведуваат од „Citigroup“.

„Употребата на рускиот извоз на метали како оружје може да биде веднаш зад аголот. Тоа би довело до голем скок на цените“, коментира Макс Лејтон, шеф на одделот за истражување на стоки во „Citi“.

Предупредувањето во белешката е целосно отстапување од претходните ставови на „Citi“ за тоа како војната може да ги дестабилизира цените на металите. Банката обично е многу поконзервативна во своите прогнози и коментари.

Досега Москва не навести дека ќе го намали извозот на метали, но веќе драстично ги намали испораките на енергетски превозници во странство, кои се многу поголем извор на приход за Кремљ.

Минатата година Русија го намали извозот на гас во Европа, нејзиниот најголем клиент, што речиси предизвика енергетска криза, а минатиот месец објави дека го намалува производството на нафта во земјата за околу 5 отсто.

„Ако конфликтот продолжи, се повеќе и повеќе стоки ќе се заплеткаат во него“, смета Мајк Лејтон.

Алуминиумот веќе е вмешан во војна откако САД воведоа царина од 200 отсто за рускиот увоз на алуминиум поради конфликтот. Досега ниту една друга западна нација не го следела чекорот на Вашингтон.

Директорите на индустријата веруваат дека Западот избегнал да воведе санкции за руските метали бидејќи тие се клучни за производството и тешко би се замениле како гасот.

Русија произведува околу една четвртина од светскиот паладиум, кој се користи во катализаторите во возилата. Земјата извезува најголем дел од своето производство.

Русија е исто така водечки извозник на алуминиум, снабдувајќи околу 15% од тргуваниот алуминиум во светот.

Русија е одговорна и за околу 11% од глобалното производство на платина. Производството во четвртиот квартал од минатата година падна за 10 отсто поради логистичките предизвици при доставувањето на материјалот од Русија до финските преработувачки капацитети.

„Реалноста за пазарот на метали, особено во однос на крајната употреба во автомобилската индустрија, е дека нема доволно алтернативи“, коментира Ед Стерк, директор за истражување на Светскиот инвестициски совет за метали.

Некои западни компании почнаа да избегнуваат сами да користат руски материјали, што доведе до зголемување за цената за неруските алтернативи. Најпогодени од трендот се алуминиумот и никелот.

Лондонската берза за метали во февруари објави дека руските метали се трупаат во магацините и дека 41 отсто од примарните залихи на алуминиум и 95 отсто од залихите на бакар се од руско потекло, знак дека некои потрошувачи ја избегнуваат Русија како снабдувач.

Русија е значаен извозник на нуклеарно гориво поради нејзините богати наоѓалишта на ураниум и големиот капацитет за преработка. Загриженоста за можните западни ограничувања на руското нуклеарно гориво веќе ги доведоа цените на преработката на рекордно високи.

Во моментов, ЕУ и САД сè уште увезуваат нуклеарно гориво од Русија, бидејќи се обидуваат да ја забрзаат транзицијата кон алтернативни извори.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП