„Со подлабоки и побрзи реформи и зајакнување на одржливоста на домашниот енергетски сектор може да се постигне значително ублажување на ценовните притисоци од енергетската криза, но и да се ублажат притисоците во трговскиот дефицит и девизниот пазар. Народната банка прави напори да обезбеди поповолен амбиент за инвестирање во обновливи извори на енергија, преку повеќе активности, вклучително и изготвување стратегија за поттикнување на „зелените финансии“ и нивен системски пристап за одржување на финансиската стабилност“, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Марили“.
Ангеловска-Бежоска во интервјуто посочува дека значителен дел од домашната инфлација во минатата година се должи на растот на цените во енергетската компонента, којашто ги опфаќа цените на струјата за домаќинствата, горивата, топлинската енергија, но и индиректните ефекти од порастот на трошоците за електрична енергија за компаниите, коишто се пренесуваат врз финалните цени на другите производи и услуги.

