Аукцијата за издавање на деветтата еврообврзница помина успешно, со четири пати повисок интерес од инвеститорите во однос на понудата, велат од министерството за финансии.
Преку аукцијата се обезбедија 500 милиони евра по купонска камата од 6,96%, додека дополнително 100 милиони евра се обезбедуваат од инструментот за макрофинансиска поддршка на Европската Комисија по каматна стапка од приближно 3%. Ова значи дека рефинансирањето на еврообврзницата од 2016 година и другите отплати на претходни задолжувања, кои достасуваат и за кои беа наменети овие средства, ќе се изврши според исти каматни трошоци постигнати со претходната аукција.

