28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКина ќе користи јаглен за да ја подобри својата енергетска безбедност

Кина ќе користи јаглен за да ја подобри својата енергетска безбедност

Кина ќе користи јаглен за да ја подобри безбедноста на својот енергетски систем, објави „Reuters“, повикувајќи се на соопштение на националните власти. Земјата се потпираше главно на јаглен за производство на електрична енергија во 2022-ра година – 56,2%, покажуваат статистиките.

Високите цени на енергијата поради војната во Украина ја поттикнаа Кина да се сврти кон сопствените ресурси, јагленот, за да ја подобри својата енергетска безбедност. Во последниве години, пак, расте и бројот на зелени електрани во земјата, кои во оваа фаза сè уште се балансираат со централи на јаглен.

Минатогодишната суша предизвика сериозен недостиг на електрична енергија во некои делови на Кина. Намаленото ниво на реките доведе до исклучување на електраните на вода. Токму за овие региони ќе се работи на изградба на базни капацитети со користење на јаглен, се вели во извештајот на Националната комисија за развој и реформи до парламентот. Исто така, беше забележано зголемување на активностите за истражување на нафта и природен гас, како и зголемување на производството од националните наоѓалишта.

Минатата година во Кина беа издадени дозволи за изградба на нови електрани на јаглен со моќност од 106 гигавати. Ова е четири пати повеќе отколку во 2021-ва година и најголем број од 2015-та година. Околу 50 гигавати капацитет на јаглен во моментов се во различни фази на изградба.

Во 2017-та година, Кина почна активно да го заменува јагленот со гас како дел од нејзините планови да стане јаглеродно неутрална до 2060-та година. Но, неодамна, акцијата во оваа насока се забави под притисок на загриженоста за снабдување и високите цени на енергетските производи на глобалните пазари.

Кина увезува околу 40% од гасот што го троши. Во последните месеци Русија се обидува да стане главен снабдувач на суровината, но земјата се потпира и на течен гас. „Газпром“ ги класифицираше податоците за извозот на гас, но според прелиминарните податоци на вицепремиерот Александар Новак, во 2022-ра година испораките на природен гас за Кина биле околу 20 милијарди кубни метри.

Аналитичарите велат дека фокусот на јагленот ќе биде привремен додека не се изгради доволно зелена енергија. Во моментов, новите постројки кои се потпираат на обновливи извори на енергија сè уште не можат целосно да го покријат растот на потрошувачката, но тоа веројатно ќе се случи во 2023-та или 2024-та година, додаде Дејвид Фишман од кинеската енергетска консултантска компанија „Lantau Group“.

После тоа, потрошувачката на јаглен полека ќе почне да се намалува. Очекувањата на експертот се дека врвот на емисиите на Кина ќе биде во 2030-та година, а во следните 30 години земјата всушност ќе ја постигне својата јаглеродна неутралност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП