28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСледниот месец сите се враќаме на работа, долгот да го оставиме настрана,...

Следниот месец сите се враќаме на работа, долгот да го оставиме настрана, ќе се решава тековно, велат приватните превозници

Преку три нови фирми приватните превозници ќе се јават на новиот оглас на Град Скопје за организирање на јавниот превоз оти досегашните „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ добија забрана да конкурираат. Јовица Зафировски во име на трите нови компании најави дека на работа ќе се вратат сите приватници што престанаа да возат во ноември минатата година поради долгот од 1,5 милион евра што ЈСП не им го исплаќаше. Иако, кога престанаа да возат, ја уверуваа јавноста дека не може да продолжат оти немаат пари за нафта, приватниците сега не сакаат да зборуваат за долгот оти тој ќе се решавал тековно.

„Во однос на долгот, ќе повторам уште еднаш. Град Скопје нема долг кон нас, има ЈСП и тоа тековно ќе се решава и би сакал тоа прашање да го оставиме настрана, да разговараме за други теми“, рече Зафировски.

Градоначалничката Данела Арсовска, според Зафировски, постапила како што се договориле и денес го распишала огласот со кој сите 210 автобуси се враќаат во функција. Ќе возат на 16 линии, исто како и претходно, но поделени во три пакети преку трите нови  фирми.

„Ние сме многу задоволни што работите тргнаа во таа насока. Утре ќе ја подигнеме тендерската документација за овој јавен повик, ќе видиме што сè е потребно, ќе ја собереме документацијата и во предвидениот рок ние ќе ги доставиме документите за јавниот повик. Тој завршува на 21 март, понудите ќе се отворат на 26, се надевам дека следниот месец ќе се вратиме на работа. Условите се исти како и во претходните јавни повици, останува и истиот возен ред. Договорено е со градоначалничката да работиме на обновување на возниот парк. Сите постари автобуси ветуваме дека ќе ги замениме во догледен период за да може граѓаните да имаат подобар сервис“, рече Зафировски.

Приватниците имаат 25 еколошки автобуси, кои веднаш ќе бидат ставени во функција, а за замена на постарите допрва ќе се разговара.

И градоначалничката Арсовска денес рече дека ќе работат на набавка на еколошки автобуси со приватниците. Таа рече дека приватниците ја увериле оти ќе се јават на огласот за разлика од претходниот кога никој не се јави и нагласи дека блокадите на Скопје од приватниците од крајот на минатата година биле од лични и политички причини. Го распиша огласот иако лично ги уверуваше скопјани дека јавниот превоз е функционален и без нив.

Град Скопје преку оглас денес побара приватни превозници за 16 линии, односно на линиите со броевите: 9, 11, 11А, 12, 19, 20, 22, 23, 45, 47А, 52, 54, 55, 61, 63 и 73.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП