23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на нафтата пораснаа бидејќи се очекува поголема побарувачка од Кина

Цените на нафтата пораснаа бидејќи се очекува поголема побарувачка од Кина

На светските берзи цените на нафтата пораснаа минатата недела, што е благодарение на надежта на трговците дека кинеската побарувачка ќе се зголеми, бидејќи се очекува забрзување на растот на втората по големина светска економија, пренесува Хина.

И покрај привремениот раст, цените на нафтата и натаму се малку пониски во однос на почетокот на годината.

Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 3,2 отсто – на 85,83 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 4,4 отсто – на 79,68 долари.

Зголемувањето на цените најмногу се должи на подобрите од очекуваните макроекономски показатели од Кина, кои упатуваат на забрзување на растот на тамошната економија, по подолг период на слабост.

Бидејќи Кина е најголемиот увозник на нафта во светот, трговците очекуваат зајакнување на побарувачката. Кинескиот увоз на руска нафта по морски пат би требало да достигне највисоко ниво од следењето на податоците во март, проценуваат трговците.

Од друга страна, растот на цените на енергенсите ги ограничува напорите на централните банки на западните земји да ја потиснат инфлацијата, односно да ја ослабнат потрошувачката на населението и да го забават растот на економиите, што, се разбира, би ја ослабело побарувачката за „црното злато“.

Бидејќи инфлацијата во САД е сè уште висока и економијата постојано расте, проценките за зголемување на каматните стапки на американската централна банка се зголемија.

Изјавата на Пјер Вунш, член на управниот совет на Европската централна банка (ЕЦБ), дека основната каматна стапка во еврозоната може да порасне до четири отсто, доколку базичната инфлација остане на високо ниво, влијаеше на цената на нафтата.

Во меѓувреме, извештајот на Wall Street Journal дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) размислуваат да го напуштат ОПЕК и да го зголемат производството на нафта, исто така ги вознемири трговците. Веднаш по веста, цената на нафтата нагло падна, но бидејќи веста набрзо беше демантирана, цените ги повратија сите претходни загуби.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП