„Изминативе три години банкарскиот систем покажа голема отпорност на кризи од невидени размери. Не само што ја задржа својата стабилност, туку истовремено обезбедува постојана финансиска поддршка за приватниот сектор, придонесувајќи за побрзо закрепнување на економијата.“ Ова го посочи вицегувернерката, Ана Митреска, која учествуваше на Скопскиот економски форум II, на панел-дискусијата „Стратегии за одржување на економскиот раст во време на неизвесност“, на која учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, и потпретседателот на Стопанската комора, Зоран Јовановски.
Вицегувернерката во своето излагање рече дека во фаза на две последователни глобални кризи, банкарскиот систем обезбедува кредитна поддршка со годишен раст во распон од 8 ‒ 9%, а финансиите не се насочуваат само кон секторот „население“, туку значително се зголемува поддршката и за корпоративниот сектор.Околу 60% од растот на кредитите во 2022 година се должат на кредитирањето на корпоративниот сектор, што претставува најсилна финансиска поддршка за овој сектор во изминатиов период. Се разбира ова беше период и кога компаниите имаа потреба од ликвидност за обртни средства во услови на енергетска криза, но нашите анкетни податоци покажуваат дека побарувачката на кредити е поттикната и од потребите на претпријатијата од инвестиции. Истовремено, показателите за кондицијата на банките се поволни. Капитализираноста е на ниво близу 18%, а квалитетот на кредитното портфолио е добар, со учеството на лошите пласмани во вкупните пласмани, на историски ниско ниво од под 3%.

