„Економиите од регионот на Западен Балкан сѐ уште се на пониско ниво на реална конвергенција и имаат потреба од побрзи стапки на раст и модел што ќе се заснова на поголем обем и квалитет на инвестициите. За да се излезе од маѓепсаниот круг на бавен раст и ниска конвергенција, инвестициите треба да се насочат кон областите што ја зголемуваат конкурентноста и отпорноста на економиите. За финансирање на инвестициите, а во услови на затегнување на условите на финансиските пазари, од клучно значење е меѓународната финансиска поддршка. Со помош на новата стратегија на ЕУ „Глобална порта“ може да се поттикне зголемување на инвестиции во регионот.“ Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на форумот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) „Приспособување на светот што се менува“, којшто се одржува во Луксембург. На панел-дискусијата на која воведно обраќање имаше Лилјана Павлова, потпретседателка на Европската инвестициска банка (ЕИБ), учествуваа и Маркус Бернт, заменик-директор на ЕИБ Глобал, Кун Дунс, генерален директор за меѓународни партнерства во Европската комисија, Андре Алерт, директор во КфВ, Папа Амаду Сар, извршен директор во Агенцијата за развој на Франција и Родриго Мадрацо, извршен директор на Европскиот развоен фонд.
Гувернерката зборуваше на панел-дискусијата „Глобална порта: Европските партнери за одржливи инвестиции“, посветена на стратегијата на ЕУ за поддршка на инвестициите во инфраструктурата, енергијата, дигитализацијата, здравството и образованието, со цел да се поттикне одржлив економски развој на земјите надвор од ЕУ. Целта на оваа стратегија е да ги поврзе економиите, финансиските институции и приватниот сектор, за да се намали глобалниот јаз во инвестициите.

