8 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКовачевски: Направена е нарачка на лекот за болните од цистична фиброза

Ковачевски: Направена е нарачка на лекот за болните од цистична фиброза

Лекот „трикафта“ за болните од цистична фиброза е нарачан, измените на законите што беа потребни за тој да пристигне во Македонија се испратени во Собранието. Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека производителот рекол дека лекот ќе стигне за 30 дена, што би значело дека на крајот на март ќе биде во Македонија.

„Веднаш беше регистриран лекот и преку доставувач е нарачан од единствениот производител што го има патентот за овој лек. Бевме информирани дека лекот се произведува според секоја нарачка и дека 30 дена е рокот на подготовка и испорака за лекот да пристигне во државата. Во тој дел сè е завршено. Нарачката е направена од овластен увозник во државата, кој го регистрира лекот, и се очекува негово пристигнување за најкритичните пациенти“, изјави Ковачевски.

Тој објасни и за измените на законите, кои се пред пратениците.

„Со оглед дека нашите закони не дозволуваат директна набавка од производители што имаат патентиран лек, туку мораше да се оди преку јавни набавки и трговци на лекови, што дополнително ја зголемуваше цената на лековите, веднаш се пристапи кон измени и подготовка на законски решенија со кои ќе се овозможи Министерството за здравство да набавува вакви лекови, кои се патентирани и ги произведува само еден производител, преку директни преговори за да добие пониска цена. Тие законски измени се испратени во Собранието. Очекувам во најбрз рок пратениците да ги донесат измените. Тоа ќе обезбеди не само набавка на лекот ‘трикафта’ туку и други лекови што се произведени од еден производител“, додаде Ковачевски.

Претходно, Владата соопшти дека се обезбедени 2,2 милиона евра од буџетот за набавка на „трикафата“ за најитните пациенти по смртта на Благојче Илиевски, пациент кој две години се бореше да издејствува лекот да биде донесен кај нас.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП