17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗемјотресите во Турција предизвикаа директна штета од 34,2 милијарди долари

Земјотресите во Турција предизвикаа директна штета од 34,2 милијарди долари

Двата големи земјотреси што ја погодија Турција на 6 февруари предизвикаа директна физичка штета од околу 34,2 милијарди долари, но вкупните трошоци за реконструкција и обновување со кои се соочува земјата би можеле да бидат двојно повеќе, соопшти денеска Светската банка. Банката проценува дека земјотресите исто така го намалиле за најмалку половина процентен поен проектираниот раст на бруто домашниот производ на Турција од 3,5 до 4 проценти во 2023 година, пренесува Ројтерс.

Ситуацијата во Сирија, која исто така беше погодена од земјотреси, е „катастрофална“, изјави потпретседателката на Светската банка за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде и додаде дека Банката утре ќе објави посебна проценка на штетите за Сирија.

Бјерде рече дека првичната брза проценка на штетата за Турција од 34,2 милијарди долари е еднаква на околу 4 отсто од нејзиното економско производство во 2021 година, но тоа не вклучува индиректни или секундарни влијанија врз нејзиниот економски раст, или последниот земјотрес пред една недела.

„Нашето искуство покажува дека потребите за реконструкција можат да бидат дури два до три пати поголеми од проценетата директна физичка штета“, рече таа.

Во земјотресот на 6-ти февруари со јачина од 7,8 и 7,5 степени според Рихтеровата скала, најсмртоносниот во историјата на модерна Турција, загинаа повеќе од 44.300 луѓе, потсетува Ројтерс.

Во извештајот за глобална брза проценка на штетите од катастрофи на банката, се проценува дека 1,25 милиони луѓе останале без покрив над главата поради оштетување или целосно уривање на нивните домови.

Светската банка и обезбеди на Турција 780 милиони долари итна помош од два постоечки проекти во Турција, како и 1 милијарда долари во новиот проект за итно закрепнување.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП