2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКинеските паметни телефони ја пополнуваат празнината на рускиот пазар

Кинеските паметни телефони ја пополнуваат празнината на рускиот пазар

Според пресметките на истражувачите на пазарот, кинеските продавачи на паметни телефони го зазедоа местото на „Samsung“ и „Apple“ во Русија. Двата најголеми производители го напуштија пазарот минатата година откако руските трупи ја нападнаа Украина.

На почетокот на годината кинеските брендови заземаа околу 95% од пазарот, објави телевизискиот канал „CNN“, повикувајќи се на податоци од аналитичката фирма „Counterpoint Research“.

Најголем снабдувач е „Xiaomi“ со над 50% удел на пазарот. Кинеските паметни телефони беа популарни во Русија уште пред војната. Според проценките на „Counterpoint“, нивниот удел на крајот на 2021-ва година бил околу 40 проценти. Сепак, „Samsung“ со своите различни модели и „Apple“ со своите „iPhone“ телефони заедно држеле околу 53 отсто од пазарот. Сега број 2 по „Xiaomi“ е компанијата „Realme“.

„Производителите „Xiaomi“, „Realme“ и „Honor“, буџетскиот бренд кој претходно беше во сопственост на кинескиот технолошки гигант „Huawei“, „брзо реагираа за да ја искористат можноста“, вели Јан Стрижак, помошник директор на „Counterpoint Research“.

Во третиот квартал од 2022-ра година, тие ги зголемија своите набавки кон Русија за 39%, 190% и 24% соодветно во споредба со претходниот квартал.

„Xiaomi“ имаше најголема корист удвојувајќи го својот удел на пазарот од година во година. Компанијата со седиште во Пекинг сега е најголемиот продавач на паметни телефони во Русија, во голема мера благодарение на нејзината популарна линија „Redmi“, прифатлива палета на уреди познати по висококвалитетните камери.

Минатата година владата во Москва дозволи т.н „паралелен увоз“ на паметни телефони, што овозможи увоз на стоки од соседните земји како Казахстан.

Оваа практика им помогна на големите руски трговци на мало да продолжат да продаваат телефони на „Samsung“ и „Apple“ откако директните испораки беа суспендирани, напиша аналитичарот на „Counterpoint Research“ Харшит Растоги во пост на својот блог.

Но, мерките доаѓаат со потенцијални проблеми. Корисниците кои ги купиле овие телефони може да имаат проблеми со преземањето мобилни апликации кои се блокирани во Русија, а наоѓањето услуги од официјалните провајдери „не е загарантирано“, истакна Растоги.

Додека кинеските брендови имаат корист од западното ембарго, рускиот пазар се намалува бидејќи економијата на земјата пропаѓа.

Минатата година, продажбата на паметни телефони во Русија падна за 33% до 21 милион единици, покажуваат податоците на „Counterpoint Research“. За споредба, пазарот на паметни телефони во Европа е намален за 20%.

Големото прашање, велат аналитичарите, сега е дали пазарот засекогаш се променил.

„Ако војната во Украина заврши, „Apple“ и „Samsung“ најверојатно ќе продолжат со работа во земјата и брзо ќе ја вратат продажбата на паметни телефони“, вели Стрижак.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП