28 април, 2024
ПочетнаСВЕТШто содржи кинескиот "мировен план" за Украина?

Што содржи кинескиот “мировен план” за Украина?

Кина ги повтори своите повици за политичко решение на украинскиот конфликт на годишнината од почетокот на руската инвазија, бидејќи Пекинг е под зголемен притисок од САД и нивните сојузници поради растечкото партнерство со Москва.

Во неодамна објавениот документ од 12 точки, кинеското Министерство за надворешни работи повика на продолжување на мировните преговори, крај на едностраните санкции и го истакна своето противење на употребата на нуклеарно оружје – став што кинескиот лидер Си Џинпинг им го соопшти на западните лидери минатата година.

Документот од 12 точки е дел од најновите напори на Пекинг да се претстави како неутрален мировен посредник додека се бори да ги балансира своите „неограничени“ односи со Москва и заладените врски со Западот додека војната продолжува.

„Конфликтот и војната никому не носат добро. Сите страни мора да останат рационални и воздржани, да се избегне разгорување и продлабочување на тензиите, да се спречи ширењето на кризата и натамошното губење на контролата“, се вели во документот.

Сепак, како што пишува Си-Ен-Ен, тврдењето на Пекинг за неутралност е сериозно поткопано со неговото одбивање да ја признае природата на конфликтот, кој досега избегнуваше да го нарече инвазија, и неговата дипломатска и економска поддршка за Москва.

Западните официјални лица, исто така, изразија загриженост дека Кина можеби планира да обезбеди воена помош за Русија, што Пекинг категорично го негираше.

Во документот објавен денеска се повторуваат многу од стандардните „позиции“ на Кина, кои вклучуваат повикување на двете страни да ги продолжат мировните преговори.

„Дијалогот и преговорите се единственото одржливо решение за украинската криза“, се наведува во документот, додавајќи дека Кина ќе игра „конструктивна улога“, без да се наведат детали.

И покрај тврдењето дека „суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на сите земји мора ефективно да се поддржат“, документот не го признава руското кршење на украинскиот суверенитет.

CNN пишува дека се чини дека „голем дел од јазикот што се користи во документот е насочен кон Западот“.

„Во тенко прикриената критика на Соединетите Држави, документот вели дека треба да се напушти „менталитетот на Студената војна“, се истакнува во анализата на Си-Ен-Ен.

„Безбедноста на регионот не треба да се постигнува со зајакнување или проширување на воените блокови. Легитимните безбедносни интереси и грижи на сите земји мора да се сфатат сериозно и соодветно да се решат“, се вели во текстот, што некои го толкуваат како очигледно повторување на позицијата на Москва дека Западот предизвика војна со проширувањето на НАТО.

Исто така, се чини дека документот ги критикува санкциите наметнати на Русија од страна на САД и другите западни земји.

„Едностраните санкции и максималниот притисок не можат да го решат прашањето; тие создаваат само нови проблеми“, се наведува во документот, додавајќи дека „релевантните земји треба да престанат да ги злоупотребуваат едностраните санкции и далекосежната јурисдикција против другите земји за да го направат својот дел во деескалацијата на украинската криза.

Документот беше брзо критикуван од американски официјални лица, а американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан рече дека војната „може да заврши утре доколку Русија престане да ја напаѓа Украина и ги повлече своите сили“.

„Мојата прва реакција на тоа е дека можеше да застане на точка еден, а тоа е почитување на суверенитетот на сите нации“, изјави Саливан за Си-Ен-Ен.

„Украина не ја нападна Русија. НАТО не ја нападна Русија. САД не ја нападна Русија. Ова беше војна по избор, предводена од Путин“, рече Саливан.

Амбасадорот на Европската унија во Кина, Хорхе Толедо, на брифингот во Пекинг им рече на новинарите дека позицијата на Кина не е мировен предлог, додавајќи дека ЕУ „внимателно го проучува документот“.

Украина, пак, го нарече документот „добар знак“, но ја повика Кина да направи повеќе.

„Кина треба да направи се што е во нејзина моќ за да ја запре војната и да го врати мирот во Украина и да влијае на Русија да ги повлече своите трупи“, изјави украинскиот вршител на должност во Кина Жана Лешчинска.

„Како неутрална, Кина треба да разговара со двете страни, и со Русија и со Украина, а сега гледаме дека Кина не разговара со Украина“, рече Лешчинска, истакнувајќи дека Кина не се ни консултирала за овој документ.

Минатата недела, првиот човек на дипломатијата Ванг Ји првпат зборуваше за овој документ на безбедносна конференција во Минхен, додека се обидуваше да го позиционира Пекинг како одговорен преговарач за мир.

Ванг ја посети Москва како последна станица од неговата европска турнеја, а во средата се сретна со Путин.

Путин, кој го пречека Ванг со раширени раце кога кинескиот дипломат влезе во салата за состаноци, рече дека односите меѓу Русија и Кина „достигнуваат нови нивоа“.

„Руско-кинеските односи се развиваат како што планиравме во претходните години. Сè оди напред и се развива меѓународната ситуација“, рече Путин на новинарите додека седеше до Ванг.

Ванг рече дека двете земји „често се соочуваат со криза и хаос, но во криза секогаш има можности“.

„Ова бара од нас подоброволно да ги идентификуваме промените и поактивно да одговориме на промените за дополнително да го зајакнеме нашето сеопфатно стратешко партнерство“, рече Ванг.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП