18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТурција повторно ја намали референтната каматна стапка и покрај високата инфлација

Турција повторно ја намали референтната каматна стапка и покрај високата инфлација

Турската централна банка во четвртокот ја продолжи својата политика на намалување на референтната каматна стапка, иако земјата се бори со високата инфлација и последиците од разорниот земјотрес.

Централната банка соопшти дека ја намалила референтната каматна стапка за 0,5 процентни поени, на 8,5 отсто. Од август до ноември 2022 година, банката ја намали референтната каматна стапка за пет процентни поени, на девет отсто, но оттогаш не ја променила.

Банката се одлучи за ново намалување и покрај високата инфлација во земјата од 57,68 отсто, што значително ги зголеми дневните трошоци на граѓаните. Централните банки ширум светот ги зголемија каматните стапки за да ја ограничат инфлацијата.

Намалувањата на референтната каматна стапка во Турција се во согласност со ставовите на нејзиниот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој отворено се противи на високите каматни стапки бидејќи смета дека тие предизвикуваат инфлација. Оваа теорија, спротивно на конвенционалното економско разбирање, Ердоган ја заснова на исламското учење.

Ердоган неодамна ги критикуваше зголемувањата на референтните каматни стапки ширум светот, сигнализирајќи ѝ на централната банка да продолжи со намалувањето.

Во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ги погоди делови од Турција и Сирија на 6 февруари загинаа повеќе од 43.500 луѓе во Турција, а беа уништени 164.000 згради.

Централната банка соопшти дека земјотресот нема да влијае на турската економија на среден рок.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП