3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлацијата во Германија останува висока на почетокот на годината

Инфлацијата во Германија останува висока на почетокот на годината

На почетокот на годината, германската инфлација не покажа знаци на намалување бидејќи притисокот врз цените на енергијата и храната остана висок поради војната во Украина, пишува „Reuters“.

Германските потрошувачки цени, усогласени за споредба со другите земји од Европската унија, се зголемија за 9,2 отсто на годишно ниво во јануари, покажаа податоците на Федералната канцеларија за статистика.

Во однос на декември, цените пораснале за 0,5%, што ги потврдува прелиминарните податоци и на месечна и на годишна основа.

Според неусогласените стандарди, потрошувачките цени во Германија се зголемија за 8,7% на годишно ниво во јануари и за 1,0% на месечно ниво. Ова следи по ревидираните стапки на инфлација од 8,1% во декември и 8,8% во ноември, исто така објави „Reuters“, цитирајќи ја Рут Брант, шеф на германската канцеларија за статистика:

„Така, по забавувањето на крајот на минатата година, стапката на инфлација останува на високо ниво“, вели Брант.

Главниот економист на „Commerzbank“, Јорг Кремер, пак коментираше за новинската агенција дека по методолошката ревизија на инфлациската кошничка „од есента не е забележан јасен тренд на намалување на инфлацијата“.

Сепак, тој смета дека е рано да се каже дека се е јасно на инфлацискиот фронт.

„Европската централна банка мора да продолжи решително да ги зголемува своите клучни каматни стапки“, категоричен е Кремер.

Цените на енергетските производи во земјата се повисоки за 23,1% на годишна основа и покрај владините мерки, при што, без цените на енергијата, инфлацијата во Германија во јануари изнесува 7,2%.

Цените на храната се зголемија за 20,2% на годишно ниво.

„Така, стапката на пораст на цените на храната повторно беше повеќе од двојно повисока од општата стапка на инфлација. Забележуваме пораст на цените на многу стоки, а во сè поголем степен и на услугите“, објаснуваат од федералната статистичка канцеларија.

Во јануари цените на стоките во Германија пораснале за 12,7% на годишно ниво, а на услугите за 4,5%, истакнува „Reuters“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП