18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕКСТРЕМНА СИРОМАШТИЈА ГИ ЧЕКА 141 МИЛИОН ЛУЃЕ! Енергетската криза ја турка планетата...

ЕКСТРЕМНА СИРОМАШТИЈА ГИ ЧЕКА 141 МИЛИОН ЛУЃЕ! Енергетската криза ја турка планетата во амбис

Енергетската криза предизвикана од војната во Украина може да доведе 141 милион луѓе ширум светот во екстремна сиромаштија, се вели во извештајот на група истражувачи од Холандија, Обединетото Кралство, Кина и САД.

Во извештајот објавен во списанието Nature Energy, се посочува дека студијата за поскапувањата на енергијата во 116 земји покажала дека зголемувањето на цената на енергијата ги зголемило трошоците на домаќинствата во просек за 4,8 отсто, пренесува CNN.

Во земјите со ниски приходи, посиромашните домаќинства се изложени на поголем ризик од сиромаштија поради поскапите извори на енергија. Домаќинствата во земјите со повисоки приходи, исто така, го почувствуваа влијанието на зголемувањето на цените на енергијата, но поверојатно е дека ќе можат да ги апсорбираат во буџетот на домаќинствата, се вели во извештајот. Одредени земји повеќе го почувствуваа поскапувањето на енергенсите, така што поскапувањето на енергенсите во Естонија, Полска и Чешка е повисоко од светскиот просек. Зголемувањето на цените на енергијата доведе и до зголемување на цените на храната.

Така, во споредба со лани во САД поскапеле јајцата за 70,1 отсто, маргаринот за 44,7 отсто, путерот за 26,3 отсто, брашното за 20,4 отсто, лебот за 14,9 отсто, шеќерот за 13,5 отсто, млекото за 11 отсто, пилешкото 10,5 отсто, а овошјето и зеленчукот 7,2 отсто, покажуваат официјалните податоци за инфлацијата.

Според извештајот, многу влади ширум светот веќе презеле чекори за намалување на влијанието на растот на цените врз буџетот на домаќинствата, од намалување на даноците за енергија и давање попусти на сметките за енергија до еднократни субвенции и ограничувања на цените.

Сепак, извештајот сугерира дека може да се направи повеќе и како пример се наведува субвенционирање на цените, наметнување дополнителни даноци за енергетските компании и донесување закони за користење на поодржливи извори на енергија.

Извештајот сугерира дека оваа енергетска криза треба да послужи како потсетник за ризиците на енергетскиот систем кој се потпира на фосилни горива, за кои се вели дека не само што турка милиони луѓе на работ на екстремна сиромаштија, туку и ги забрзува климатските промени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП