2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАСредба Османи – Санду: ОБСЕ ќе продолжи со решавање на конфликтот во...

Средба Османи – Санду: ОБСЕ ќе продолжи со решавање на конфликтот во Транснистрија

Во рамки на својата официјална дводневна посета на Молдавија, Претседавачот со ОБСЕ Бујар Османи денеска оствари средба и со претседателката на земјата, г-ѓа Маја Санду со која разговараше за тековниот конфликт во регионот, но и за улогата на ОБСЕ во неговото решавање.

На посетата Османи ги поздрави напорите на Молдавија во пресретнување на предизвиците со кои земјата се соочува како последица на воената агресија на Русија врз Украина, за кои како што рече, создадоа сериозни безбедносни, политички, економски и социјални тешкотии за Молдавија и за целиот регион.

Тој изрази и силна поддршка за продолжување на реформите кои беа иницирани во земјата. Во тој контекст, рече Османи, неодамнешното признавање на напорите на Молдавија од страна на Парламентарното собрание на Советот на Европа е охрабрувачка вест.

Претседавачот со ОБСЕ Османи се осврна всушност на реформите кои земјата ги постигна за справување со корупцијата и зајакнување на судскиот сектор, како области со најголем предизвик, но и на напорите во решавање на процесот со Транснистрија.

„Покрај овие предизвикувачки реформи кои бараат сериозна работа на Молдавија како земја-кандидат за членство во ЕУ, решавањето на процесот со Транснистрија е поважен од било кога“, рече Османи.

Средбата со претседателката Санду доаѓа по нејзината вчерашна изјава дека Русија подготвува државен удар во Молдавија. Таа изјави дека преку украинските разузнавачки служби добила информација дека државниот удар би се извел преку протести на опозицијата, а поддржани од Руската Федерација и дека на истите би учествувале државјани на Русија, Србија, Белорусија и Црна Гора кои имаат воено искуство.

Целта, како што рече Санду на прес-конференција, е да се запре процесот на интеграции на Молдавија во ЕУ и да се предизвикаат немири во државата.

Во тој контекст, на официјалната средба помеѓу Османи и Санду, Претседавачот со ОБСЕ уште еднаш потенцираше дека Северна Македонија е посветена на изнаоѓање заеднички прифатливи решенија кои ќе бидат во корист пред сè на луѓето во сите загрозени подрачја. „Нашата заедничка цел е промовирање мир и стабилност во овие неизвесни времиња“, нагласи Османи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП