Парите кои Владата ќе ги обезбеди за „трикафта“ би покрил терапија за седум пациенти. Ова го посочи претседателот на Асоцијацијата за лицата болни од цистична фиброза, Фики Гаспар, по средбата со премиерот Димитар Ковачевски. Според него, претпоставка е дека до крајот на месецот ќе го добијат лекот.
„Обезбедени се средства. Тие не се предвидени за седум, но според најголемата цифра, би ги покрил седумте пациенти. Е сега се надеваме дека нема да бидат само седум пациенти. За жал вчера го изгубивме Благојче, не требаше да се случат така работите. Со таа загуба се активираа сите и дојде до самиот премиер и Влада, нешто што претходно се префрлало од институција на институција од министерство на министерство“, кажа Гаспар.
Тој додаде дека и од компанијата-производител ќе зависи колку брзо ќе стигне лекот.
„До крај на месецот е претпоставка, бидејќи има некои закони кои треба да се сменат. Има и друга ситуација со која разговаравме, бидејќи тие не произведуваат голема бројка на лекови, туку само системски за година. Треба да се види и компанијата колку брзо може да го произведе тој лек и да го донесе. Се надеваме дека ќе биде за помалку од три недели“, додава тој.
Од пред Владата посочија дека има критични пациенти на кои уште денеска им треба лекот.
„Болеста е непредвидлева. Благојче не беше најкритичниот пациент имаше и покритични. Сега е време да дојде лекот и сега можеме да направиме превенција за наредни пациенти. Разговаравме за интервентен увоз. Се договоривме да не изјавуваме бројка, бидејќи може да се промени. Најважно за нас е таа програма од три години која ќе ги опфати сите пациенти, не само тие што се сега, туку и новите што ќе се појават“, додаде Фики Гаспар