19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕквинор го замени Гаспром на прво место во снабдувањето со гас во...

Еквинор го замени Гаспром на прво место во снабдувањето со гас во Европа

Норвешката мултинационална енергетска компанија Еквинор ја затвори 2022 година со најголем профит од нејзиното основање. Притоа, таа се приклучи на голем број компании кои забележаа рекордни резултати благодарение на силниот раст на цените на гасот и нафтата.

Еквинор оствари нето добивка од 28,7 милијарди долари, што е три пати поголема од 2021 година и највисока од основањето на компанијата.

Прилагодената оперативна добивка се удвои во однос на претходната година, скокајќи на рекордни 74,9 милијарди долари. Претходниот рекорд, поставен во 2008 година, изнесуваше 36,2 милијарди долари, а беше поттикнат од рекордната цена на нафтата од Северното Море.

Оваа компанија, која е во мнозинска сопственост на норвешката држава, минатата година го симна рускиот Гаспром од позицијата водечки снабдувач на природен гас во Европа во услови на оштетени гасоводи и санкции од Западот против Русија поради војната со Украина.

Минатата година „Еквинор“ произведе два отсто помалку нафта и гас отколку во 2021 година, вкупно 2,04 милиони барели нафтена еквивалент дневно, но оваа година очекува производството да се зголеми за три отсто.

Производството на гас од норвешките полиња, како што покажува деловниот извештај на Еквинор, порасна за осум отсто минатата година, додека производството на нафта падна за шест отсто. Компанијата најголем дел од својот профит го остварува во Норвешка, каде нафтените компании плаќаат даноци по стапка од 78 проценти.

Забележано е дека за 2022 година ќе платат рекордни 49,9 милијарди долари данок. Во 2023 година, Еквинор очекува капитални трошоци во опсег од 10 до 11 милијарди долари, повеќе или помалку во согласност со сегашниот план.

Сепак, тие ја зголемија проценката на трошоците во следните три години, од 12 милијарди долари на 13 милијарди долари годишно.

Еквинор е првенствено нафтена компанија која работи во 36 земји со дополнителни инвестиции во обновливи извори на енергија. Форбс Глобал ја рангираше како 169-та најголема јавна компанија во светот во 2020 година. Од 2021 година, има повеќе од 21.000 вработени.

Од 2017 година, Владата на Норвешка е најголем акционер со 67 отсто од акциите, додека останатите се јавни акции. Со сопственичкиот интерес управува норвешкото Министерство за нафта и енергија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП