8 декември, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАПочина Благојче, пациент со цистична фиброза

Почина Благојче, пациент со цистична фиброза

Благојче Илиевски, кој скоро две години добиваше уверувања дека ќе го добие скапиот лек за цистична фиброза, ја изгуби битката со болеста. Тој беше дел од осумте критични пациенти за кои се бараше лекот итно да им се набави. Со кислородна боца Благојче бараше поддршка и од претседателот на државата, Стево Пендаровски. Но, и покрај сите напори, не дочека да добие терапија со лекот „трикафта“.

Претседателот на Асоцијацијата за лицата болни од цистична фиброза, Фики Гаспар, за „Макфакс“ вели: „Ние можевме да го превенираме овa“, мислејќи на смртта на Благојче.

„Последните три години беа важни и тешки за Благојче бидејќи состојбата му се влошуваше. Има негова објава кога пред две години беше кај претседателот сè со цел да се побара помош и од некои институции бидејќи од тие што ги баравме, не добивавме решение (Министерството за здравство). Се обративме и до претседателот, бевме примени, тој разговараше со пациентите, беше и Благојче. За жал, остана тоа на ПР и маркетинг, фотографирање со претседателот. Поддршката остана празно ветување“, вели Гаспар за „Макфакс“.

Тој посочува дека болеста е непредвидлива. Смртта на Благојче била ненадејна за нив.

Со големо жалење можам да кажам дека го изгубивме иако стравувавме најмногу за друга пациентка. Благојче беше упорен. Оваа болест е таква што не можете да предвидите. Изненади многу. Другите седум пациенти се во иста состојба како Благојче. Ова е доказ дека не можете да ја процените болеста и за пациент за кој сте процениле дека има време – нема време. Времето е луксуз“, посочува Гаспар за „Макфакс“.

Министерот за здравство, Беким Сали, не знае дали ќе се чека нов министер за набавката на скапиот лек за лицата болни од цистична фиброза ниту, пак, дава временска рамка во која лекот би се набавил. Тој посочува само дека треба да се изменат неколку закони за лекот да може да се набави, а тоа е веќе познат став.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП