6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на нафтата на меѓународните пазари растат

Цените на нафтата на меѓународните пазари растат

Цените на нафтата се искачија на меѓународните пазари до 81 долар во вторникот, поттикнати од очекувањата за закрепнување на побарувачката во Кина и загриженоста за понудата поради затворањето на извозниот терминал во Турција по разорниот земјотрес.

Во утринското тргување цената на нафтата „брент“ моментално е 84,60 долари, додека вредноста на барел нафта од Тексас WTI е 78,14 долари, покажуваат најновите податоци објавени на веб-страницата OilPrice.com.

Трговците сè уште внимателно ја следат ситуацијата во Кина по укинувањето на строгите мерки за борба против корона вирусот. Економијата треба да забрза, што ќе биде силен поттик за побарувачката на нафта, оценуваат аналитичарите, пишува агенцијата Мина.

„Цената на барелот е поддржана од очекувањата дека отворањето на кинеската економија, по завршувањето на политиката на нулта толеранција кон короната, ќе стимулира значително зголемување на побарувачката за нафта оваа година“, рече Рикардо Евангелиста од компанијата ActivTrades.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) очекува Кина да биде „одговорна“ за половина од растот на глобалната побарувачка оваа година, рече нејзиниот шеф Фатих Бирол, издвојувајќи го скокот на побарувачката за авионско гориво.

Саудиска Арабија, најголемиот светски извозник, ги зголеми цените на нафтата за азиските купувачи за прв пат по шест месеци поради очекуваното закрепнување на побарувачката, особено во Кина.

Пазарите во исто време нервозно ги следат последиците од страшниот земјотрес во Турција и Сирија, во кој според моментално достапните податоци загинаа над 5.000 луѓе, а се стравува дека бројот на жртвите може да биде многу поголем.

Земјотресот ја оштети и нафтената инфраструктура, па затворен е пристанишниот терминал во Чејхан, со капацитет од милион барели дневно, извозниот пункт на азербејџанската нафта.

Ирачката нафта во пристанишните магацини била подготвена за товарење, но бродовите не можеле да се закотват во Чејхан поради лошите временски услови, изјави трговски извор. Ирачкиот нафтовод до Чејхан се уште е затворен, соопшти Министерството за енергетика на Регионалната влада на Курдистан (КРГ).

Цените беа поддржани и со затворањето на дел од нафтеното поле Јохан Свердруп во норвешките води на Северното Море со капацитет од 535.000 барели дневно.

Зголемените каматни стапки обично го зајакнуваат доларот, што би можело да ја поскапи суровата нафта за купувачите со други валути.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно објави дека во понеделникот цената на барел нафтена кошница на нејзините членки паднала на 78,2 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП