Комерцијалните банки, согласно постојната законска регулатива од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, Законот за заштита на лични податоци, како и подзаконската регулатива, треба редовно да ги ажурираат личните податоци на клиентите. Во современи услови на сѐ позачестено користење на услугите на електронско и мобилно банкарство, согласно законските одредби за заштита на личните податоци и безбедноста на плаќањата, неопходно е банките да одржуваат редовна комуникација со клиентите, заради безбедно извршување на услугите и заштита на корисниците на финансиски производи и услуги.
Банките треба да го потврдат идентитетот на клиентот или вистинскиот сопственик при воспоставувањето на деловниот однос. Секоја банка со интерен акт ја определува фреквенцијата на ажурирање на документите и податоците потребни за следење на деловниот однос со клиентите. При промена на некој од личните податоци (адреса, нова лична карта и сл.), клиентот е должен соодветно да ја извести и банката чиишто услуги ги користи.

