Директорот на американската Централна разузнавачка агенција, Вилијам Барнс, изјави дека следните шест месеци ќе бидат критични за војната во Украина и оти верува дека рускиот претседател Владимир Путин смета на намалениот интерес на Западот за војната во Украина и на политичкиот замор во него, кои ѝ даваат на армијата нова шанса да напредува на бојното поле.
Поранешниот заменик-државен секретар Барнс ова го изјави вчера говорејќи на Универзитетот „Џорџтаун“ и додаде дека западните разузнавачки служби покажале оти Москва не е заинтересирана за мировни преговори иако одвреме-навреме има индиции за спротивното од Русија, пренесува „Си-би-ес њуз“.

