Како централна банка постојано работиме на обезбедување среднорочна ценовна стабилност. Тековното затегнување на монетарната политика има за цел да придонесе за намалување на инфлациските очекувања и стабилизирање на инфлацијата. Како резултат на постепеното намалување на цените на примарните производи, но и на мерките преземени досега, од ноември се забележува постепено забавување на инфлацијата, во услови на задржана стабилност на девизниот курс и на финансискиот сектор, рече гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, говорејќи на панел-дискусијата под наслов „Фискални, монетарни и даночни политики во време на криза“, во рамките на годишната владина конференција, насловена „Година на нови можности“.
Ангеловска-Бежоска во своето излагање рече дека сме сведоци на најсинхронизираниот одговор на централните банки ширум светот преку затегање на монетарните политики за стабилизирање на инфлацијата, посилен во споредба со 70-тите години. Таа посочи дека иако не станува збор за стандарден шок на побарувачката, поради високите стапки и дисперзирноста на инфлацијата, централните банки немаат друг избор освен да ја затегнуваат монетарната политика, додека видот на инструментите и силината зависат од монетарната стратегија, инструментариумот и одделните фактори коишто влијаат врз инфлацијата.

