23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаст на просечната каматна стапка на вкупните кредити и депозити во декември

Раст на просечната каматна стапка на вкупните кредити и депозити во декември

Во декември 2022 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити оствари месечно и годишно зголемување од 0,03 п.п. и 0,07 п.п., соодветно и изнесува 4,44%. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 0,86% и бележи раст на месечна и на годишна основа од 0,09 п.п. и 0,12 п.п., соодветно.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити , во декември, е зголемена за 0,34 п.п. на месечно ниво и изнесува 4,83%. На годишна основа, оваа каматна стапка е повисока за 1,22 п.п. Овој месец, просечната каматна стапка на новопримените депозити забележа месечен и годишен раст од 0,07 п.п. и 0,64 п.п., соодветно и изнесува 1,34%

Каматни стапки на корпоративниот сектор

‒ Во декември, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор бележи месечно зголемување од 0,09 п.п. и изнесува 3,84%. Притоа, промената на месечно ниво е резултат на растот на сите компоненети: каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,16 п.п.), како и на каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,10 п.п. и 0,02 п.п., соодветно). Споредено на годишно ниво, каматната стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор се зголеми за 0,36 п.п.

Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор, во декември, оствари раст од 0,57 п.п. во однос на претходниот месец и изнесува 5,02%. Нагорната промена се должи на зголемените каматни стапки на кредитите во странска валута и каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 1,72 п.п. и 0,14 п.п., соодветно), додека каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула бележат пад (за 0,53 п.п.). Анализирано на годишна основа, оваа каматна стапка забележа раст од 1,80 п.п.

Овој месец, просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор изнесува 1,34%, што претставува месечно зголемување од 0,04 п.п. Притоа, растот е резултат на повисоките каматни стапки на депозитите во странска валута и на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,04 п.п., соодветно), при раст и на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,03 п.п.). Kаматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е повисока за 0,42 п.п. во споредба со истиот месец минатата година.

Каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор, во декември, се намали за 0,03 п.п. на месечна основа и изнесува 1,09%. Анализирано според валутната структура, падот целосно произлегува од намалувањето на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,56 п.п.), во услови кога каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула и каматните стапки на депозитите во странска валута бележат раст (за 0,54 п.п. и 0,09 п.п., соодветно). Споредено на годишно ниво, оваа каматна стапка оствари зголемување од 0,80 п.п.

Каматни стапки на домаќинствата

Во декември, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата забележа минимален месечен пад од 0,01 п.п. и изнесува 5,01%. Месечната промена се должи на падот кај сите компоненти: каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,02 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,01 п.п., соодветно). Kаматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата забележа годишно намалување од 0,17 п.п.

Во декември, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е намалена за 0,17 п.п. во однос на ноември и изнесува 4,38%. Надолната промена целосно се објаснува со намалувањето на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,25 п.п.), во услови на месечен раст на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула и на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,03 п.п. и 0,01 п.п., соодветно). На годишна основа, оваа каматна стапка оствари зголемување од 0,04 п.п.

Kаматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата, во декември, забележа раст од 0,09 п.п. на месечно ниво и изнесува 0,81%. Месечното зголемување произлегува од растот на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула и на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,34 п.п. и 0,10 п.п., соодветно), при раст и на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,08 п.п.). Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата се зголеми за 0,09 п.п., во споредба со декември минатата година.

Во декември, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата оствари месечно зголемување од 0,04 п.п. и изнесува 1,40%. Растот на месечна основа се должи на зголемените каматни стапки на депозитите во странска валута (за 0,34 п.п.), додека каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула бележат намалување (за 0,35 п.п.). Истовремено, каматната стапка на денарските депозити со валутна клаузула овој месец изнесува 2,02% за разлика од претходните месеци кога банките и штедилниците не примиле ваков вид депозити. Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата се зголеми за 0,50 п.п. на годишна основа.

Извор: НБРМ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП