27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Германија се поголем ризик од рецесија

Во Германија се поголем ризик од рецесија

Германската економија забележа пад од 0,2 отсто на крајот на минатата година, објави денеска германскиот завод за статистика, пренесе Блумберг.

Американската агенција наведува дека станува збор за полош резултат од очекуваниот и дека наглото зголемување на инфлацијата ја оптоварува потрошувачката на германските домаќинства, како и дека имајќи ги предвид зголемените сметки за енергија, рецесијата се чини се поверојатна.

Податоците објавени од германскиот институт се во спротивност со проценката претставена претходно овој месец, според Блумберг, додавајќи дека тоа значи и дека економската контракција до март сепак може да биде причина за рецесија во најголемата економија во еврозоната.

Неколку показатели во последните недели укажуваат на зголемена доверба во Германија по благата зима и добро снабдените складишта за природен гас, што го елиминираше ризикот од недостиг за време на грејната сезона.

Цените на големо на стоките, по период на рекорден раст, почнаа да паѓаат, што дава надеж дека инфлацијата ќе се намали побрзо од очекуваното.

Сепак, побарувачката е помала, а овој тренд е забележан и во Шведска, чија економија е неочекувано на пониско ниво во четвртиот квартал, додава Блумберг.

Според американската агенција, Белгија успеала да оствари раст од 0,1 отсто, а Летонија дури 0,3 отсто, додека економската доверба во еврозоната продолжува да расте во јануари, искачувајќи се на највисоко ниво од јуни.

Сепак, нарачките паѓаат во германскиот производствен сектор, и покрај високите залихи и олеснувањето на тесните грла во синџирот на снабдување.

Владата во Берлин минатата недела прогнозираше раст од 0,2 отсто за 2023 година, во споредба со претходната прогноза за намалување од 0,4 отсто.

Министерот за економија, Роберт Хабек, сепак предупредува на можна рецесија, бидејќи, како што рече, кризата предизвикана од руската инвазија на Украина не е завршена.

Изгледите остануваат неизвесни, бидејќи инфлацијата може да продолжи, поттикната од зголемените барања за повисоки плати.

Вработените во поштата излегоа на штрајк барајќи зголемување на платите за 15 отсто, додека вработените во јавниот сектор бараат двоцифрено зголемување.

Европската централна банка (ЕЦБ) е решена да се справи со растечките цени со рестриктивна монетарна политика.

Каматните стапки треба да се зголемат оваа недела за уште 50 базични поени, што е уште еден чекор во агресивната политика на затегнување, забележана за прв пат во историјата на ЕЦБ. Целосното влијание на тие мерки допрва треба да се почувствува.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП