26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРасте бројот на запленети фалсификувани банкноти на еврото

Расте бројот на запленети фалсификувани банкноти на еврото

Бројот на фалсификувани евро банкноти, повеќето во апоени од 20 и 50 евра, кои беа запленети минатата година, се зголеми по падот забележан во 2021-ва година. Ова го посочуваат податоците на Европската централна банка (ЕЦБ), објавени денеска и цитирани од АФП.

Лани од оптек се повлечени вкупно околу 376.000 фалсификувани банкноти, што е раст од 8,4 отсто на годишно ниво. Ова е пресврт на трендот по неколку години пад, достигнувајќи го историскиот минимум од 347.000 запленети банкноти во 2021-ва година.

Најновото зголемување „го одразува закрепнувањето на економската активност во 2022-ра година по укинувањето на повеќето пандемични ограничувања“, објави ЕЦБ.

За споредба, на крајот на декември во оптек имало 29,5 милијарди реални банкноти, што е за 4,4 отсто повеќе за една година и речиси четири пати повеќе од бројот кога еврото беше воведено во 2001-ва година.

Со други зборови, „веројатноста да се добие фалсификат е многу мала“, со „откриени 13 фалсификати на секои 1 милион оригинални банкноти во оптек“.

Банкнотите од 20 и 50 евра и понатаму се најмногу фалсификувани, кои сочинуваат речиси две третини од запленетите (63,6 проценти).

Во последниве години, ЕЦБ постепено ја снабдува еврозоната со нови банкноти со посилна заштита, со што им отежнуваше на фалсификаторите.

Само издавањето на нови банкноти од 500 евра е суспендирано од крајот на 2018-та година поради наводите дека оваа банкнота ја олеснува криминалната трговија. Во 2022-ра година со оваа деноминација имало близу 2 отсто од вкупниот број фалсификати.

Фалсификуваните банкноти се главно „многу лоши имитации“, забележува ЕЦБ, која со години ја подига јавната свест преку методот на „допирање, гледање и навалување“ на банкнотата.

На почетокот на 2022-ра година, финансиската институција започна проект за редизајнирање на банкнотите на еврото за да ги прикаже вистинските познати личности или споменици за идните банкноти по 2024-та година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП