7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБугарска фирма повторно ќе ја снабдува земјава со поскап природен гас

Бугарска фирма повторно ќе ја снабдува земјава со поскап природен гас

Имајќи предвид дека природниот гас почна да се продава по сè пониски цени, пазарните движења изминатиов период за многу држави значеа олеснување, но ова не важи и за Македонија, затоа што ние и понатаму го набавуваме енергенсот поскапо од ситуацијата на берзите. Државната компанија што го превзема работењето на топланите во Скопје преку соопштение сподели дека е избран понудувач што ќе обезбеди гас за февруари, но фиксната цена значи дека ќе се плати од еден до потенцијални три милиони евра повеќе од потребното.  

Според тоа што беше содржано во повикот, потребите на ЕСМ за февруари би можеле да се движат од минимални 2.200 MWh до максимални 3.500 MWh природен гас на дневно ниво. Доколку се направи споредба меѓу цената на македонската компанија и тие на двете бугарски, станува јасно дека државата ќе плати поскапо за гасот и тоа речиси два милиони евра за минимална и речиси три милиони евра за максимална потрошувачка. Притоа, од „Макпетрол“ споделија и дека нивната цена е важечка за редовните потрошувачи на компанијата, а според актуелните прогнози истата веројатно ќе има и тенденција на намалување.

Придржувајќи се до правилото понудувачите да достават фиксни цени, „ЕСМ продажба“ преку соопштение ја извести јавноста дека на повикот се јавиле две бугарски фирми. За победник е избрана истата што обезбеди гас за јануари, „Балкан Јутилитис“, која понудила 98,71 евра за мегават-час. Вториот учесник, „Актаел“, исто така, е од нашиот источен сосед, а тие доставиле цена од 99,83 eвра за мегават-час. Дел од македонските медиуми, пак, споделија дека цената на „Макпетрол пром-гас“ на денот кога беше објавен победникот на тендерот била 71 евро/MWh.

Сето ова укажува на несоодветно работење што воопшто не ја следи логиката на слободниот пазар, но со јавниот повик за набавка на природен гас се јавија и други недоследности. Имено, едната бугарска фирма „Актаел“, ниту поседува лиценца за трговија со овој енергенс во земјава, ниту, пак, закупила капацитет за воопшто да може да го донесе гасот во државата. Бугарската регулаторна комисија на „Актаел“ издала лиценца за работа кај нашиот источен сосед на 23 јуни 2022 година. Таков документ тие не поседуваат за Македонија. Правилата велат дека на нив воопшто и не би требало да им се дозволи да учествуваат во јавниот повик за набавка на гас.

Поврзаноста меѓу ЕСМ и „Актаел“, сепак, не започнува од овој јавен повик за набавка на гас. Оваа бугарска фирма во јули 2022 година на македонската државна компанија продала блок-трансформатор за РЕК Битола за речиси 6.5 милиони евра. И покрај тоа што се работи за значителни средства, за оваа набавка не е спроведен тендер, односно истата е направена со непосредна спогодба. Блок-трансформаторот доцнеше со испорака, што резултира со одложување на стартот со работа на третиот блок во РЕД Битола. За ова доцнење, државата ќе мора да плати околу 200 илјади евра пенали, а додека овој процес течеше, Македонија беше принудена да увезува струја за која што плати над 40 милиони евра.

Ако овие информации за „Актаел“ се земат предвид, како и фактот што државата повторно избра да купи гас по фиксна цена од „Балкан Јутилитис“, за којшто ќе плати милионски суми повеќе од потребното, се отвораат низа дилеми за исправноста на енергетската политика на државните институции. Прашање е дали некој ќе сноси одговорност за тоа што во текот на огромна криза, се трошат милиони евра за купување скап гас, а притоа енергенсот е најевтин на берзите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП