Стабилизирање на цените на примарните производи, натамошното намалување на застојот во снабдувањето, но и на затегнатите меѓународни финансиски услови коишто ќе ја намалуваат побарувачката би требало да придонесат за стабилизирање на стапките на инфлација годинава. Во интервју за „Дојче веле“, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вели дека намалувањето на притисокот од увозните цени, особено на енергентите и на храната, ќе биде најважно за домашната инфлација. Исто така, мерките коишто ги презема Народната банка треба да придонесат за стабилизирање на инфлациските очекувања, како значаен фактор којшто влијае врз инфлацијата, а ќе делуваат и кај еден дел од инфлацискиот индекс, оној којшто е почувствителен на промените во побарувачката.
Со оглед на проекциите на меѓународните финансиски институции за стабилизација на цените на примарните производи на светските берзи и очекувањата за водење претпазливи макроекономски политики, се проектира забавување на инфлацијата со што оваа година таа би се свела на 8 до 9%, а на среден рок, инфлацијата и натаму ќе се намалува, сведувајќи се на нивото од 2,4% и 2% во 2024 и 2025 година, посочува Ангеловска-Бежоска и додава дека очекувањата се во согласност со проекциите на меѓународните институции за намалување на глобалната и на домашната инфлацијата годинава.

