19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвтиниот гас од берзите се игнорира - државата за енергенсот пак ќе плаќа...

Евтиниот гас од берзите се игнорира – државата за енергенсот пак ќе плаќа поскапо

„ЕСМ продажба“ преку соопштение со јавноста сподели дека потребите од природен гас за топланите, како и за другите стопански субјекти, ќе ги покрие преку договор со „Балкан Јутилитис“, компанија што бугарската комисија за енергетика ја дефинира како микропретпријатие што две од изминативе три години работело со загуба. Според информациите што ЕСМ ги соопшти, освен споменатата фирма, на повикот се јавил уште еден правен субјект. „Балкан Јутилитис“ понудил 98,71 евра за мегават-час, а „Актаел“ приложил 99,83 eвра за мегават-час. 

Дел од медиумите објавија информација од „Макпетрол“, според која цената на гасот кај Макпетрол Пром-Гас е 71 евро/MWh за снабдување до мерната станица (ГМС) Жидилово, без пресметан транспорт до крајниот потрошувач. Тоа значи дека денешната моментална цена на Макпетрол Пром-Гас е поевтина од таа на избраната компанија „Балкан Јутилитис“ за 27,71 евра/MWh.Простата пресметка покажува дека на месечно ниво, односно за 28 дена, при нормална потрошувачка од 2200 MWh, разликата меѓу двете понуди изнесува 1.706.936 евра/MWh. При максимална потрошувачка од 3500 MWh, разликата изнесува дури 2.715.580 евра/MWh.

Споменатата цена, од „Макпетрол“ велат дека и денес е важечка за нејзините редовни потрошувачи, а од компанијата истакнуваат оти истата, според актуелните прогнози, во следниот период нема да се зголемува, туку напротив, ќе има тенденција на намалување.

Исто така, ЕСМ во известувањето до јавноста истакнувадека „Понудените цени на гасот од страна на двете фирми ги опфаќаат сите трошоци за набавка на енергенсот, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа“. На овој план, клучно е да се напомене дека компанијата не го вклучува податокот дека државата презема обврска да го плати транспортот на природниот гас од мерната станица Жидилово до крајниот потрошувач. Како резултат на ова, несомнено е декавкупната цена што е избрана, ќе се зголеми, односно, ќе се потрошат дополнителни средства. 

За разлика од овој пристап којшто фаворизира само една компанија што нуди фиксна, а притоа, повисока цена, државата избира да го заобиколи македонскиот снабдувач „Макпетрол“, којшто се придржува до пазарното функционирање, односно својата цена директно ја поврзува со цената на берзите. Не е јасно од кои причини се дава приоритет на бугарската фирма – дали се работи за непознавање на проблематиката или можеби во прашање се силни бизнис-интереси. 

Либерализацијата на пазарот со гас се споменува како причина за последните случувања при набавките, а освен тоа што е целосно неточно – имено, пазарот е одамна либерализиран – на последниот повик не е поканет „Макпетрол“ иако има огромно искуство и кредибилитет во овој сектор. Имено, компанијата сподели дека и покрај тврдењата на „ЕСМ продажба“, тие не добиле покана за учество на последниот повик за набавка на гас за февруари. Притоа, „Макпетрол“ истакна дека одбива да биде набљудувач и покритие во тендери што очигледно фаворизираат еден учесник и затоа не поднесе понуда на јавниот повик за набавка на природен гас.

Праксата што ја започна на самиот крај на 2022 година, да купува гас по фиксна цена, државното претпријатие што го презеде производството на топлина во Скопје ја продолжи и за февруари годинава. Природниот гас на светските берзи изминативе недели, вклучително и денеска, редовно се продава по ниски цени, а на јавниот повик од „ЕСМ продажба“ овие движења на пазарот целосно се игнорираат. Како резултат на тоа, пресметките покажаа дека ова јавно претпријатие во јануари потроши над милион евра народни пари повеќе од потребното, а истото многу веројатно ќе се случи и со набавката за февруари, која што вчера и официјално беше комплетирана.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП