29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ гледа правна основа за користење на блокираните руски средства

ЕУ гледа правна основа за користење на блокираните руски средства

Европската унија има законско овластување привремено да користи за инвестициски цели најмалку 33,8 милијарди евра од средствата на руската централна банка за да помогне во обновата на Украина. Ова е доставено до земјите-членки на блокот, изјавија за „Bloomberg“ луѓе запознаени со ова прашање.

Советот за правни прашања на блокот им кажа на дипломатите дека таков план е законски изводлив се додека имотот не е експроприран и се исполнети одредени други услови, велат изворите. Тие предвидуваат краен датум за инвестицијата, фокус на ликвидни средства и гаранција дека главнината и каматата ќе бидат вратени во Русија во одреден момент, додаваат тие.

ЕУ ги разгледува опциите за користење на блокираните руски средства по инвазијата на Москва на Украина, но досега предлогот се смета за контроверзен и дискусиите се во многу рана фаза. Европските претставници, како и некои земји-членки, се загрижени за правната оправданост за таквиот потег и преседанот што може да го направи.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека сака Русија да плати за уништувањето на инвазијата „со замрзнатите средства на олигарсите и средствата на нејзината (руската) централна банка“.

Претставниците на Г-7 и ЕУ веќе рекоа дека нема јасна правна основа за едноставна конфискација на имотот на руската централна банка и нивно пренасочување во Украина.

Наместо тоа, како прв чекор, ЕУ размислува за здружување на средства на европско или меѓународно ниво за да генерира принос што би можел да се искористи за финансирање на напорите за реконструкција во Украина, задача што Светска банка проценува дека ќе чини 350 милијарди долари.

И иако дел од правниците од ЕУ гледаат можен пат, Европската комисија е повнимателна за спроведувањето од правен аспект, како и за севкупната сложеност на постапката, информираат изворите. Претставниците на блокот исто така сметаат дека спроведувањето на каков било план ќе се одвива во соработка со Г-7.

ЕК, исто така, предупреди дека ќе биде тешко да се донесе цврста одлука сѐ додека не се разјасни обемот на средства што може да се користат, а првиот чекор ќе биде да се утврди нивната локација. Според некои проценки, средствата на руската централна банка, блокирани во странство, изнесуваат околу 300 милијарди долари. Според претставниците на блокот, околу 33,8 милијарди евра од оваа сума се во депозити во ЕУ, иако износот сè уште се прецизира.

Сепак, справувањето со руските средства носи ризици. За време на дискусијата со амбасадорите на земјите-членки, адвокатите на блокот објаснија дека доколку има загуби додека блокот управува со средствата, компензацијата ќе треба да се плати преку европскиот буџет или од земјите-членки.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП