Бујар Османи ќе треба да одлучи дали бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, заедно со други лица од Бугарија, ќе биде на листата за персона нон грата и ќе му биде забранет влез во Македонија. Ова го посочи премиерот Димитар Ковачевски, кој немаше конкретен одговор дали Џамбаски и другите Бугари ќе бидат ставени на таа листа. Во исто време европратеникот Џамбаски веќе најави дека на 4 февруари ќе биде во Македонија пред гробот на Гоце Делчев. Ковачевски гарантира дека одбележувањето на денот на раѓањето на великанот ќе помине мирно.
„Сè што е во надлежност на Владата ќе биде направено со цел да се гарантира мирно и достоинствено одбележување на 4 февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев. Тие активности (прогласување за персона нон грата) се на МНР и се спроведуваат врз основа на Законот за странците и одредбите што регулираат кое лице не може да влезе во државата, а поради активности што ги нарушуваат односите меѓу државите. Без разлика ако е политичар или друго лице, ако МНР го идентификува таквото лице, тоа не може да влезе во државата. Достоинството на нашата држава е врвен приоритет“, посочи Ковачевски.

