25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНиту зимата не ги изнервира пазарите на гас во Европа

Ниту зимата не ги изнервира пазарите на гас во Европа

Зимата се врати во Европа и во некои делови на континентот минималните температури трајно остануваат под 0°C, но тоа не ги направи нервозни пазарите на гас. Уште повеќе, испораките на „Газпром“ преку Украина се веќе речиси половина помалку од просекот од мај 2022-ра година (помеѓу 40-42 милиони кубни метри дневно).

Од почетокот на јануари транзитот континуирано се намалува, а „Газпром“ тоа го објасни со ограничените барања од клиентите. Влезната точка Суја остана единствената за рускиот гас во Северна и Западна Европа. Меѓутоа, во исто време, Германија веќе ги има своите први терминали за „LNG“.

Така, во последните неколку дена испораките на „Газпром“ преку Украина се намалија на 24 милиони кубни метри дневно. Но, тоа нема никакво влијание на пазарите на гас, во понеделникот (23.01) на холандската берза ТТФ беше затворено тргувањето по цена од речиси 66 евра за мегават час, што е благо намалување во однос на крајот на минатата недела. Денеска овој пад се зацврстува со дополнителните речиси 10% до 56 евра за мегават час.

Во раните денови на оваа година, нивото на цените е блиску до оние од почетокот на декември 2021-ва година, или пред почетокот на војната во Украина, кога во Европа сè уште имаше надеж дека конфликтот ќе биде избегнат. Аналитичарите посочија дека причините главно се поврзани со топлото време, но сега кога температурите се приближија до зимските димензии состојбата на пазарот останува стабилна.

Причината за тоа се полните складишта на гас во Европа, поволното време за ветерните електрани, враќањето на нуклеарната енергија во Франција и последно, но не и најмалку важно – течниот гас. А, прогнозите на метеоролозите цитирани од „Bloomberg“ се дека студениот бран ќе трае неколку дена, до првата недела од февруари.

Во меѓувреме, „Bloomberg“ објави дека поправката на еден од најголемите американски капацитети за извоз на „LNG“, терминалот „Freeport“, веќе ги завршила поправките и се подготвува за рестартирање со работа, што исто така оптимистички е прифатено од пазарите. Тоа најверојатно ќе се случи во февруари или најдоцна март.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП