3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБорба за енергенси, рекордни цени – најголемите предизвици во енергетиката во годината...

Борба за енергенси, рекордни цени – најголемите предизвици во енергетиката во годината зад нас

Изминатата година ја одбележа борбата за енергенси, рекордни цени и заштита на граѓаните и стопанството од скапите енергенси. Поради скапите енергенси, 2022 година ќе остане запаметена по рекордните цени на струјата, гасот, цврстото гориво и горивата за граѓаните и стопанството.

Најголемиот предизвик за Европа беше да обезбеди доволно гас, односно да најде алтернатива за рускиот гас. Цената на гасот на почетокот на минатата година се искачи на 4.000 евра, а во декември падна на 800 евра бидејќи складиштата се наполнија. Брисел потврди дека зависноста од рускиот гас од речиси 40 отсто е намалена на девет отсто.

Од крајот на април, Русија ја прекина испораката на гас за земјите кои не сакаа да плаќаат во рубљи, а на последниот ден од 2022 година, со указот на рускиот претседател им беше дозволено на земјите што ги означија како непријателски да ги платат долговите во други валути.

Во декември, Европската унија, Г7 и Австралија ја ограничија цената на рускиот гас на 180 евра за мегават-час.

Спорот за гас на релација Москва-Брисел го продлабочи проблемот со германската турбина за ремонт на „Северен тек 1“, па Русија го прекина протокот на гас низ тој гасовод, а во септември експлозии на цевки на дното на Балтичкото Море ги оневозможи гасоводите и „Северен тек 1 и 2“. Истрагата за саботажата се уште е во тек.

Наесен прекинаа и испораките преку гасоводот Јамал. Гасоводот низ Украина работи со третина од неговиот капацитет, а единствениот прилив на руски гас во Европа со полн капацитет е „Турски тек“.

Европската унија го заменува рускиот гас со американски и други извори на течен гас. Терминалите за ЛНГ и новите гасни интерконекции меѓу земјите брзо се градат низ цела Европа.

Јагленот лани поскапе за 70 отсто

Европската унија ја спушти првата енергетска рампа на руски јаглен. Иако ембаргото беше договорено уште во април, тоа стапи на сила во август со цел да се складираат залихи. Поради големата побарувачка, цената на јагленот лани порасна за 70 отсто – достигна дури и 450 евра за тон.

Европската унија добива 15 отсто од електричната енергија од јаглен, а една петтина од таа енергија беше увезена од Русија – која мораше да се замени од други извори.

Во страв од зимата, многу европски домаќинства се вратија на греење на јаглен, а повеќето земји се откажаа од затворањето на термоцентралите.

Велика Британија, Германија и Холандија, исто така, рестартираа некои затворени термоелектрани на јаглен.

До крајот на есента, европските пристаништа и речните пристаништа беа преполни со товарни бродови кои носеа јаглен од целиот свет.

Меѓународната агенција за енергија објави дека во 2022 година планетата ќе потроши повеќе од осум милијарди тони јаглен – најмногу во историјата.

Ценовно цунами на европскиот пазар на електрична енергија

На европскиот пазар на струја имаше ценовно цунами – побарувачката се зголемуваше, а цените астрономски – мегават час чинеше 550 евра. На некои берзи цената од 1.000 евра се достигна за еден ден. Европа ги стави во функција сите расположливи капацитети за производство на електрична енергија.

Работата на многу нуклеарни централи е продолжена и започнати се проекти за изградба на нови.

Брзо се работи на зголемување на капацитетот на обновливите извори на енергија

Многу земји се подготвија и за рестрикции на електричната енергија до крајот на грејната сезона

Балтичките земји Естонија, Летонија и Литванија предупредија на недостиг доколку Русија ги исклучи од заедничката мрежа.

Кулминација на кризата во Европа – ембаргото на руската нафта

Енергетската криза во Европа кулминираше со ембаргото на руската нафта по море и ограничување на нејзината цена на 60 долари. На тие западни санкции, кои се во сила од 5 декември, следеше одговорот на Москва.

Русија донесе декрет – од февруари до јули оваа година ќе го забрани извозот на нафта во земјите кои применуваат ценовни ограничувања.

Како дел од бриселското нафтено ембарго од 5 февруари, ќе биде забранет увозот на руски нафтени деривати.

Пет членки на Европската унија се изземени од нафтените санкции – Унгарија, Чешка, Словачка, Бугарија и делумно Хрватска.

Цената на нафтата беше нестабилна цела година – таа варира од 100 до дури 130 долари за барел пред да падне на околу 80 долари во декември.

Поради скапите енергенси, 2022 година ќе биде одбележана со рекордни цени на струјата, гасот, цврстото гориво и горивата за граѓаните и стопанството.

Во некои земји, сметките беа дури и дуплирани, па владите постојано даваа субвенции и ги ограничуваа цените.

Во цела Европа, препораките за заштеда на енергија и енергетски производи се на сила на сите нивоа. Сите прогнози укажуваат дека 2023 година ќе биде уште понеизвесна на енергетски план.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП