19 април, 2024
ПочетнаЛУКСУЗ И ПАТУВАЊЕКуцна правиот час: Време е за нејзиното величество - Сарма!

Куцна правиот час: Време е за нејзиното величество – Сарма!

Речиси на сите трпези деновиве, без сомнение, ќе го најдете нејзиното височество – сарма!

Најдобро е да се отсечат тврдите на коренот на листот зелка за полесно да се завитка сармата, а во листот никогаш да нема премногу месо за да не се одвитка сармата.

500 гр мелено месо, главица кисела зелка, кромид, чешне лук, ориз, лажичка мелена пиперка, две лажички сол, половина кафена лажичка мелен пипер, суво месо со коски или суви ребра, брашно, масло, концентрат од домати.

Подготовка:

На самиот почеток одделете ги листовите зелка и проверете дали се добри за виткање. Оние кои се распаднале, тргнете ги на страна и употребете ги како основа.

Листовите прелијте ги со топла вода и оставете кратко да отстои за киселата зелка да ја ослободи киселоста.

Ако сакате сармата да биде малку покисела, не ги оставајте листовите долго во вода. Потребни се само неколку минути. Истурете ја водата.

Исечкајте ги кромидот и лукот. Ставете го оризот во сад и наполнете го со ладна вода.

Поминете со прстите низ оризот за да го измиете. Постапката повторувајте ја додека водата во која со прстите сте го измешале оризот не биде чиста. Потоа исцедете ја водата.

На масло продинстајте го кромидот, додадете го сечканиот лук и потоа со смесата прелијте го месото кое претходно сте го посолеле и забибереле. Во садот со месото ставете го измиениот ориз и една лажица мелена пиперка и измешајте.

Почнете со полнење на листовите зелка

Ставете го листот во левата дланка, така што надворешните делови од листот се до вашата дланка. Со раце земете ја смесата од месо и ориз. Се става на листот и малку се измазнува. Оставете 2-3 см простор на листот до вашиот зглоб.

Преклопете го тој дел од листот на средината каде што е месото. Потоа врз месото префрлете го десниот дел од листот зелка и малку притиснете под месото.

Потоа префрлете ја левата страна од листот зелка преку десната страна и врвовите од листовите што останаа на врвот набијте ги во сармата.

Вашата прва сарма е готова.

Направете ги и другите на ист начин. Колку повеќе ги редите, толку полесно ќе биде.

Лошите листови кои сте ги оставиле на страна сега може да се користат како подлога за сармата.

Наредете ги на дното од тенџерето, а по желба можете да ги исечете на јуфки и така да покриете дел од тенџерето. Ова се прави за да не изгорат сармите.

Се редат сармите, се додава сувото месо, а одозгора се ставаат до две ливчиња кисела зелка.

Истурете вода да ја покрие сармата и ставете ја да се готви. Штом ќе почне да врие, намалете ја топлината и варете два часа.

На крај додадете запршка. Во тавче загрејте голема лажица маст, додадете полна лажица брашно и измешајте на тивок оган. Потоа додадете мелени пиперки и малку вода и сето тоа заедно прелијте го во тенџерето со сарма.

По желба, во запршката можете да додадете концентрат од домати. Оставете ги сармите да се варат уште 10 минути.

Уживајте!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП