27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДестимулирање на користење кеш е начин за намалување на сивата економија!

Дестимулирање на користење кеш е начин за намалување на сивата економија!

Владата потфрли во борбата протв сивата економија. Во 2023 година мора решавањето на оваа проблематика да и биде на приоритетно место. Експертите сметаат дека заменските даночни мерки во однос на првично најавуваната даночна политика се меки и нема да донесат некој ефект кој би направил подобрување на состојбите.

Ако се истисне готовината од оптек со сигурност ќе се намали сивата економија, ова е ставот на даночниот експерт Павле Гацов. Тој за Денар изјави дека во следната година Владата мора да го решава овој проблем со засилени и посериозни мерки. Мора да почне да се „санкционира“ готовината, а да се „награди“ електронското плаќање. Гацов го напоменува примерот на банките кои го дестимулираат повлекувањето на кеш, па прашува зошто државата не го следи тој пример.

„Потребно е поголама посветениост на даночни реформи. За жал од тоа што последно ги објавија властите беше посветено на тезата дека нема менување на даноците, на даночните стапки, но никој не кажа посериозно што се превзема во борбата против сивата економија. Мислам дека пропуштаме шанса со дигитални алатки сивата економија да ја оневозможиме, односно да ја сопреме од изворот, а изворот на сивата економија е готовината. За жал тука се пропуштаат шанси за прибирање на даноци. Од кога банкнотата ќе биде ставена во џеб, никој не може да ја следи, никој не знае за какви цели е користена, дали корупција, дали за набавки без јавна набавка“, вели даночниот експерт Павле Гацов.

Што се однесува до реалниот сектор, тоа е еден од проблемите кои најмногу пречат во работата и конкурентноста на фирмите. Терминот „сива економија“ се почесто може да се слушне и прочита во медиумите последниве неколку дена поради најавите на власта дека ќе воведат данок на профит на најмалите фирми. Од ова најмногу стравуваат занаетчиите кои гласно се спротиставуваат и бараат владата да се откаже од таа намера.

„Порачуваме дека сега е време да се придонесе во борбата против сивата економија, тоа треба да биде приоритет на институциите и дека треба заедно да работиме на намалување на истата, бидејќи според сите проценки, повеќе од 1 милијарда евра има потрошени во сегашната сива и нелојална економија која ја попречува работата на формални и регистрирани дејности. Работиме на тоа да не создаваме дополнителни оптоварувања на микро-малите бизниси и занаетчиството за да можат да се опорават од тешките економски шокови и актуелната криза“, велат од Комората на занаетчии.

Но од министерството за финансии велат дека борбата против сивата економија е дел од реформата во јавните финансии. Со системските измени се преземат низа мерки за формализирање на неформалниот сектор, Дополнително, Акцискиот план за сузбивање на сивата економија ги опфаќа двете страни на неформалниот сектор – понудата и побарувачката.

„Активностите предвидени со Акцискиот план на Министерството за финансии, се базираат на поддршка и стимулација на формализацијата на неформалните активности преку зголемување на погодностите од влегување во формалната економија. Особен акцент е ставен и на унапредување на ефикасноста на инспекциите и надзорот за да се обезбеди поголема рамноправност на сите учесници на пазарот. Мерките се однесуваат и на модернизација на процесите, како е-трговијата, која зема се поголем замав и креира нелојална конкуренција меѓу малите и средни претпријатија, како главен двигател на економскиот развој. Приоритети се: унапредувањето на процесот на мерење, следење и детектирање на сивата економија, стимулативни активности за формализација на сивата економија, јакнење на свеста за сивата економија и јакнење на даночниот морал, зајакнување на инспекциските служби, унапредување на законската регулатива, како и спроведување мерки во делот на Царинската управа каде ќе бидат опфатени и производите од е-трговијата“, велат од ресорното министерство за финансии.

Според Finance Think досегашните проценки на сивата економија во земјава се движи од 21.3% до 39.5% од бруто домашниот производ. Намалувањето на неформалната економија, првенствено зависи од политичката волја на креаторите на политиките и капацитетот и координацијата на институциите одговорни за спроведување на мерките за намалување на неформалната економија, но и од економскиот развој на земјата кој е детерминиран од структурни фактори како недостиг од физички капитал, ниска продуктивност и низок развој на образованието, и социо-демографски карактеристики.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП