6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАПсихијатар сведочеше за убиството на Тот: Анџело бил нападнат од ракометарот, па...

Психијатар сведочеше за убиството на Тот: Анџело бил нападнат од ракометарот, па од страв го удрил

Психијатарот Зора Митиќ, по барање на адвокатите на Анџело Ѓорѓиевски, зборуваше за психолошката состојба на обвинетиот на судењето за убиството на ракометарот Денис Тот. Таа пред судот посочи дека Анџело бил физички нападнат од оштетениот поради што се исплашил. Вака таа толкува дека дошло до смртоносните удари што Анџело му ги задал на сега починатиот Денис Тот. Дополнително, Митиќ посочи дека Анџело имал лузни на десната рака, со која му го задава првиот удар на Тот. Според неа, мускулатурата на овој екстремитет му е слаба, што би значело и дека ударот бил слаб.

„Анџело е личност што не боледува од трајна или привремена душевна болест, настроеност, развој. Во хронологијата на делото Анџело бил физички нападнат од страна на оштетениот, бил вербално омаловажуван и понижен, што кај Анџело предизвикало чувство на страв. Оштетениот бил спортист, физички појак, покрупен. Тоа кај Анџело предизвикало чувство на неизвесност, страв, гнев. Овие непријатни емоции довеле до засилен ефект, чувство на надразнетост. Во време на извршување на кривичното дело тој имал покачена афективна состојба, но не до состојба на патолошки ефект, ниту до патолошка надразливост“, изјави Митиќ.

Психијатарот Митиќ беше испрашана и од судот. Па, така, таа рече дека ако Анџело не бил физички нападнат, тогаш имал психички напад. Од снимките што беа презентирани досега, физички напад од Тот кон Анџело – немаше.

„Во мојот опис имам објаснето и за психичкиот напад што го трпел Анџело. Ако се докаже дека немало физички напад, за ваквата афективна состојба, имало психички напад“, додаде Митиќ и беше децидна дека немало медицински наоди оти Тот физички го нападнал Анџело.

На судењето сведочеше и Сања Ефтимовска, специјалист по медицинска психологија. Таа го опишуваше Анџело како лице што е пасивно во стресни ситуации и додаде: „Со психолошкото тестирање се виде дека Анџело е склон кон пасивизација, доминираат симптоми на невротски тип. Некој се повлекува, некој напаѓа. Тој е од оние типови што пасивизираат“.

„Разочаран од себе, намалена самодоверба, песимист во однос на иднината, со присуство на сомато-вегитативни симптоми, кои се јавуваат како последица на подолготрајно потиснување и претставуваат физиолошки реакции, кои се емотивните реакции. Емоционално е нестабилен, со чувство на надразнетост. Нема показатели за психијатриско растројство“, додаде Ефтимовска.

Ова е второ психијатриско вештачење, овој пат нарачано од обвинетите. Претходното, го изработи Александар Марцикиќ. Тој ги опиша сите обвинети како психички здрави личности, со уредна интелигенција. Сите биле загрижени поради настанот, смртниот исход, реперкусиите, кривичната постапка и притворот.

На 7 април пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје обвинетите заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот, тврди скопското Обвинителство. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди, од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП