29 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПродажбата на „GM“ скокна за 24% со поголемата достапност на чипови

Продажбата на „GM“ скокна за 24% со поголемата достапност на чипови

Продажбата на најголемиот американски производител на автомобили по пазарен удел „General Motors Co.“ за третиот квартал порасна за 24%, што укажува дека глобалниот недостиг на чипови почнува да се намалува.

Производителот на автомобили соопшти дека продал 555.580 возила во кварталот кој заврши на 30-ти септември, во споредба со 446.997 во истиот период во 2021-ва година.

Во неделата, „Tesla“ соопшти дека испорачала 343.000 електрични автомобили ширум светот во третиот квартал. Тоа претставуваше зголемување од пред една година, но не ги исполни очекувањата на аналитичарите.

Како и повеќето други производители на автомобили, „General Motors“ е во средината на фундаментална транзиција кон електрични возила. Во исто време, автомобилската индустрија продолжува да страда од недостиг на полупроводници, како и од мерките на Кина во врска со новите избувнувања на коронавирус.

Продажбите на „GM“ во третиот квартал беа во контраст со неговите слаби перформанси во истиот квартал од 2021-ва година, кога беше нарушено производството на клучните компоненти во Азија.

Компанијата соопшти дека продала повеќе од 14.700 електрични автомобили „Chevrolet Bolt“ во третиот квартал, што се најдобри перформанси на моделот на квартална основа досега. Скокот во продажбата на „Bolt“ ги одразува намалените цени на автомобилот.

„GM“ планира да го зголеми производството на „Bolt“ следната година на околу 70.000 возила.

Во август, компанијата започна со производство во фабрика за батерии во Лордстаун, Охајо. Батериите произведени таму ќе се користат во електричен пикап и за електричниот „SUV“ модел на „GM“, кој ќе се појави на пазарот во 2023-та година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП