2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПуштена браната Кнежево, решен проблемот со водоснабдување за шест општини

Пуштена браната Кнежево, решен проблемот со водоснабдување за шест општини

zletovica

Заврши реализацијата на првата фаза од изградбата на хидросистемот „Злетовица“. Инвестицијата е вредна 100 милиони евра, а со неа се решава проблемот за водоснабдување на шест општини во источниот дел од земјава.

Браната денеска свечено ја пуштија во употреба премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство и за транспорт и врски, Љупчо Димовски и Миле Јанакиески.

Браната е висока 75 метри, во основа широка е 300 метри и со должина на акумулацијата од 4 километри, со максимална можност да акумулира 23,5 милиони метри кубни вода. Седумдесет милиони евра се обезбедени преку кредит од Јапонската агенција за меѓународна соработка „Џајка“, а 25 милиони од Владата на Република Македонија.

Со реализација на првата фаза од изградбата на хидросистемот „Злетовица“, според премиерот Груевски, е решен проблемот на шест општини од источниот дел на државата, меѓу кои Штип, Свети Николе, Лозово, Карбинци, Кратово и Пробиштип.

– Ветивме и останавме на ветувањето, изнајдовме средства и во 2007 година го почнавме овој капитален проект. Сите овие години интензивно се работеше на браната и на целокупниот систем за да се изгради во што е можно пократок временски период. Ова е една од најголемите, ако не и најголема инвестиција во источна Македонија во последните 20 години. Со овој капитален проект и изградбата на првата фаза од хидросистемот „Злетовица“ трајно се решава проблемот со водоснабдување на целиот регион, рече премиерот Груевски.

Тој додаде дека со завршување на оваа прва фаза исполнети се условите за почеток на реализација на втората фаза во која е предвидено изградба на систем за наводнувње на земјоделските површини во регионот што, како што рече,  значи нова ера во планското земјоделско производство во овој регион.

Постапката, информира премиерот, за втората фаза е почната, а по нејзино завршување веднаш ќе се премине на третата која предвидува производство на електрична енергија што дополнително ќе го подобри енергетскиот потенцијал на регионот и енергетските ресурси на државата, а со тоа, како што подвлече, ќе се комплетира еден од најголемите проекти во изминатите 20 години во Република Македонија.

– Тоа е доказ дека доколку се сака и доколку се покаже иницијатива, решителност и посветеност, како и конструктивна соработка на централната и локалната власт и граѓаните ваквите комплексни проекти кои значајно го менуваат квалитетот на животот на граѓаните можат да станат реалност. Како што рековме и на минатите локални избори заедно можеме повеќе, можеме да создаваме многу дела. Оваа власт, оваа Влада се карактеризира по тоа што прави и спроведува дела и реализира проекти. Не ветуваме напразно, тоа што ќе го ветиме и го исполнуваме. Овој проект беше ветување на сите претходни влади, но ниту една не го заврши, истакна Груевски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски информира дека од кредитната линија останале неискористени уште 4 милиони евра од кои дел се искористија за изградба на филтер-станицата во Пробиштип, за адаптација на филтер-станицата во Штип и за изградба на други објекти со цел да се обезбеди навремена и квалитетна испорака на вода до крајните корисници и општините.

– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство останува на определбата за изградба нови капитални објекти од областа на водостопанството со цел зголемување на наводнуваните обработливи површини што ќе доведе до зголемување на производството на храна која во годините што доаѓаат ќе има се поголемо значење, рече Димовски.

Во следната фаза, додаде, предвидена е изградба на систем за наводнување на околу 4.500 хектари.

Директорот на хидросистемот „Злетовица“ Стојан Миланов оцени дека првата фаза од реализацијата на овој проект е завршена во определениот рок.

Паралелно со изградбата на браната изграден е цевковод во должина од 85 километри до Штип, Свети Николе, Лозово и Карбинци, додека за Кратово цевководот е компатибилен и изграден со почетокот на изградбата на браната во 1988 година.

– Првпат во изградба на насипна брана во Република Македонија наместо глинени применето е да се изгради асфалтно јадро што се покажа како добро решение за стабилноста и водонепропустноста на браната, рече Миланов.

Важноста на браната ја подвлече и амбасадорот на Јапонија во Република Македонија Шигео Иватани кој посочи дека е голема имајќи го предвид ниското ниво на врнежи во овој дел од државата.

Премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски,  петходно ја пуштија во употреба делницата Сурдулци – Радичево на магистралниот пат Штип – Струмица.

Делницата е во должина околу 10 километри и ширина од 7,7 метри. Направени се нови банкини, нова сигнализација и е со проектирана брзина од 100 километри на час. Изградени се две клучки кај Калуѓерица и Радичево, еден потпатник, еден натпатник и пет мостови и 13 премини. Вредноста на проектот е околу 455 милиони денари.

Регионалниот пат Радовиш – Струмица, според премиерот Груевски, денес претставува една од најубавите делници во овој регион на државата.

– Стариот пат со коцки останува да потсетува на едно минато време. Пред нас е новиот пат преку кој граѓаните ќе се движат многу побрзо и побезбедно. По стариот пат се водеше по 30 или 40 километри на час, имаше многу сообраќајки и возачите мака мачат да ги избегат дупките и тумбите за да не ги оштетат своите возила, подвлече Груевски.

Тој нагласи дека Владата ќе продолжи со изградба и асфалтирање на патиштата со цел населените места да бидат што подобро поврзани и развиени, земјоделците и трговците да можат полесно и побрзо да ги транспортираат своите производи во земјата и странство и граѓаните да можат што побрзо и побезбедно да комуницираат меѓу себе.

Заменик-претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески посочи дека ветувањето дадено пред граѓаните дека коцката односно стариот пат ќе биде заменет со нов и модерен е исполнето.

– Доцнењето во изградбата беше заради проблемите со претходниот изведувач и европската економска криза, но ветувањето кон граѓаните и одговорноста што кон ја чувствуваме беа посилни од се, беа нашата водилка да ги надминеме и ги надминавме сите потешкотии и проблеми, рече Ставрески.

Изградбата, како што рече министерот Јанакиески, на овој пат значаен за сите граѓани на југоисточна Македонија значи посветеност, а посветеноста е тоа по што ние се разликуваме од другите партии.

– Се стремиме секој проект што ќе стане дел од нашата Програма да го реализираме бидејќи пред граѓаните излегуваме со конкретни проекти, конкретни ветувања и правиме се да ги реализираме, рече Јанакиески.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски најави дека наскоро ќе започне асфалтирање на постојната калдрма на стариот пат што понатаму ќе се користи за локална употреба меѓу населените места.

– Годинава ќе завршат со градба веќе започнатите регионални патишта Радовиш – Конче – Лубница, потоа Анѓелци – Вељуса – Водоча – Баница, Струга – Дебар и Кавадарци Љушев Гроб со вкупна должина од 73,4 километри, инвестиција вредна околу 10,2 милиони евра, рече Георгиевски.

Во тек е, нагласи, и проектирање на делницата Велес – Кадрифаково во должина од 23 километри.

– До средината на годинава треба да заврши проектирањето, а потоа да се објави тендер за изведувач и во втората половина од годинава да започне изградбата на патниот правец кој ќе има четири ленти со вкупна широчина од 11,2 метра, скоро двојно повеќе од сегашната делница на која има 11 црни точки, посочи Георгиевски.

Годинава, додаде, ќе продолжи и подобрувањето на локалната патна мрежа на 108 локални патишта со вкупна должина од околу 160 километри за што ќе бидат издвоени 15 милиони евра.

Во рамки на посетата премиерот Груевски и вицепремиерот Ставрески  ќе присуствуваат и на пуштањето во употреба на пречистителната станица за вода за пиење во Пробиштип.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП