16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Банките се во подобра ситуација отколку што мислевме“

„Банките се во подобра ситуација отколку што мислевме“

ecb1

Еврото вчера на меѓународните пазари зајакна во однос на американскиот долар, забележувајќи ново највисоко ниво во последните 11 месеци, откако Европската централна банка – ЕЦБ, објави охрабрувачки податоци за предвремената отплата на 137 милијарди евра поволни кредити.

Еврото во тaкви околности зајакна во однос на доларoт за 0,7 проценти, на 1,3466 долари, што е неговото највисоко ниво од февруари 2012 година.

Европската валута, исто така, се зголеми за повеќе од еден процент во однос на јенот, на 122,50 јени, што е највисокото ниво во последните 22 месеци.

И доларот скокна во однос на јенот, за 0,9 проценти, и се тргуваше за 91,13 јени.

Главниот поттик за еврото денеска пристигна од ЕЦБ, која објави дека 278 банки одлучија до 30 јануари, да ги отплатат евтините кредити, кои пред една година им беа одобрени од страна на централната банка.

Валутните стратези велат дека подготвеноста на банките за враќање на кредитите ќе ја зајакне довербата во еврозоната, а со тоа ќе помогнe и еврото во наредните денови да го пробие високото ниво од 1,35 долари.

„Банките се во подобра ситуација отколку што мислевме и веста за поголемиот износ на кредити кои ќе бидат вратени, ќе има поволен ефект врз стапката на еврото во однос на доларот. Покрај тоа, ЕЦБ, една меѓу водечките централни банки го намалува својот биланс“, изјави стратегот за валути Петар Кинсела.

Тој додаде дека верува дека еврото може да го надмине нивото од 1,35 долари, но изрази скептицизам за пробивање на нивото од 1,37 долари.

Зголемувањето на побарувачката на еврото ја поттикнаа и новите податоци од Германија за подобрување на бизнис климата во јануари, трет месец по ред. Станува збор за најновиот податок кој сигнализира дека растот на најголемата економија во еврозоната се зголемува.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП