27 април, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАЗошто иднината му припаѓа на водородот?

Зошто иднината му припаѓа на водородот?

Германија склучи договор со Канада, според кој северноамериканската земја треба да ги снабдува Германците со водород од 2025 година.

Зошто е толку важно за енергетската транзиција? А што е водородот сепак?

Што е водород? Каде се користи водородот?

Водородот е природен хемиски елемент и во исто време најчестиот елемент во универзумот. Има и најмала атомска маса и е 14 пати полесен од воздухот. Водородот не се наоѓа на Земјата во чиста форма, туку во комбинација со други елементи. Најпрво со кислород, односно во водата (H2O).

Како суровина, водородот долго време се користи во хемиската индустрија, на пример за производство на амонијак, кој е основа за производство на ѓубрива. Како извор на енергија за производство на електрична енергија, водородот се користи и во автомобилите со горивни ќелии. Во Германија, според Националната стратегија за водород (NWS, 2020), годишно се трошат околу 1,65 милиони тони водород – со вкупен енергетски биланс од околу 55 терават-часови.

Каде може да се користи зелениот водород?

Водородот се произведува, на пример, од вода, гас или нафта. Постапките за добивање на водород се разликуваат, во зависност од видот на фосилното гориво. Засега водородот главно се добива од метанот, кој е главната компонента на природниот гас. Оваа постапка не е еколошка. При производството на таканаречениот сив водород се произведува поголемо количество јаглерод диоксид (CO2), кој е штетен за животната средина.

Ако во тој процес некаде се складира јаглерод диоксидот, тогаш водородот се нарекува – син. Ако се добие цврст јаглерод, тогаш тоа е тиркизниот водород. Најдобар за климата е зелениот водород, кој се произведува на климатски неутрален начин, со помош на еко-електричната енергија добиена од силата на ветерот или сонцето. Во оваа таканаречена електролиза, со помош на „зелениот“ електрицитет, водата се „разделува“ на водород и кислород. Во Германија во моментов нема многу „зелен“ водород, но тој е сè попопуларен и баран.

Зошто водородот е важен за иднината?

Водородот се смета за клучен дел од идниот, климатски неутрален енергетски микс. Со користење на неговата енергетска вредност треба да се пополнат „дупките“ во снабдувањето со енергија, а водородот да се користи во оние области каде што не може да се користи електрична енергија. Како извор на енергија, водородот може да се „складира“, транспортира и користи за конверзија на енергија. Тоа е важен производ, особено во индустријата.

„Има толку многу работи во нашиот енергетски систем, во транспортот, во греењето или во индустриските процеси, што можеме директно да електрифицираме. И каде и да можеме да електрифицираме нешто, мораме да го направиме тоа“, вели шефот на европската асоцијација за енергија од ветер Windeurope, Гилс Диксон. „Но, не можеме да електрифицираме сè директно. И токму таму на сцена стапува водородот, „за дел од тешката индустрија, за делови од товарниот сообраќај, кои мораме да ги декарбонизираме со помош на водород“.

Водородот треба да преземе клучна улога во индустријата за челик: каде што јаглеродот се користеше до сега, водородот треба да се користи во иднина. „Отпадот“ во тој производствен процес повеќе не би бил CO2 штетен за климата, туку вода. Преминот кон нов производствен процес е многу скап, но може да има огромен ефект: челичарниците во Германија, според нивните сопствени изјави, се одговорни за индустриските емисии од околу 30 проценти од CO2.

Колку водород и треба на Германија?

За 2030 година, федералната влада во својата стратегија предвидува потреба од околу 90-110 терават-часови во Германија. Од тоа, според сегашните планови, треба да се произведат до 14 терават-часови со помош на новите постројки за електролиза во Германија. Најголем дел од потребите за водород треба да се „покријат“ со увоз.

Ова е моменталната ситуација, но може да се промени. Веќе годинава владата во Берлин, судејќи според напишаното во коалицискиот договор „семафор-коалиција“, има намера да ја ажурира стратегијата за водород. А плановите се амбициозни со веќе споменатиот NWS кој од 2020 година требаше да се удвои.

Увоз на водород, но од каде?

Федералната влада се обложува на меѓународна соработка, на пример со Австралија и Африка, региони со многу соларна енергија. Анализата во врска со Африка дошла до сознание дека водородот добиен на северот на Африка со помош на соларна енергија може да се произведува многу поевтино отколку во Германија.

Германските компании долго време работат и на изградба на дистрибутивни мрежи, за да може за само неколку години да се „испорача“ во Германија климатско неутрален водород. Енергетскиот концерн E.ON и хемискиот концерн Covestro потпишаа договор со Австралиска компанија. Деновиве беше објавено дека E.ON и енергетскиот концерн Uniper сакаат во иднина да увезуваат зелен водород од Канада.

Водород наместо природен гас во електраните?

Тоа е и идејата. Сега треба да се изградат нови електрани на гас, како што велат експертите, „H2-ready”. Ова ја отвора можноста подоцна да се користи водород во овие централи. И вака треба да се обезбеди снабдување со електрична енергија дури и кога нема доволно ветер или нема доволно сонце.

Досега природниот гас се сметаше за „преоден“ извор на енергија, како мост до нови видови енергија. Додуша, сè уште е целосно нејасно како гасната криза ќе влијае на сето ова во контекст на руската војна во Украина. „Војната само ја забрзува зелената агенда околу водородот“, рече државниот секретар задолжен за климатска политика Патрик Грајхен веќе во средината на март.

Каде се користи водородот? Дали ќе има доволно?

Во ситуации кога водородот не се користи на лице место, веднаш до постројката за електролиза во хемиска фабрика, тој треба да се дистрибуира до корисникот. Гасоводите веќе одамна почнаа да ја планираат дистрибуцијата. Таканаречената „мрежа H2“ би требало да биде долга околу 5.100 километри во Германија во 2030 година. Од тоа, 3.700 километри се потпираат на постоечката, но изменета гасоводна мрежа. Сепак, ова нешто ќе биде многу скапо: трошоците за инвестирање се проценуваат на околу шест милијарди евра.

Амбициозниот план е огромен предизвик за политиката и економијата. За многу од планираните области на примена, допрва треба да се најдат решенија за водородот воопшто да може да се користи во голем стил. Дополнително, зелениот водород извесно време нема да биде достапен во доволни количини и по пазарни конкурентни цени. И конечно, мора да се изгради дистрибутивна мрежа за да се пренесе таму каде што е потребно.

Побарувачката, инфраструктурата и понудата мора да се организираат истовремено. Затоа федералната влада на крајот на мај 2021 година „дизајнираше“ стимулативна програма вредна неколку милијарди евра со посебен фокус на водородот. Станува збор за програмата „Важни проекти од заеднички европски интерес“, која вклучува 62 големи проекти поврзани со зелената водород.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП