17 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСѐ повеќе земји се против европскиот план за заштеда на гас

Сѐ повеќе земји се против европскиот план за заштеда на гас

Планот на Европската комисија членките на ЕУ да ја намалат потрошувачката на гас за 15 отсто во следните осум месеци ќе биде тешко прифатен, бидејќи најмалку 12 земји досега се спротивставија на предлогот или изразија резервираност, наведуваат агенциите.

Како што сега стојат работите, кризниот план на Комисијата да обезбеди Европа да има доволно гас за следната зима нема поддршка од квалификуваното мнозинство од земјите-членки за негово усвојување, тврди „Politico“.

Владите на Шпанија и Португалија, земји кои се малку зависни од рускиот гас, беа првите кои јавно се спротивставија на планот. Не очекуваат недостиг од овој енергенс доколку Русија ги затвори вентилите на гасоводот кон Европа, за разлика од Германија, која до неодамна добиваше 55 отсто од гасот од компанијата „Газпром“ и стравува дека нејзините магацини ќе останат непополнети до зима. Шпанската министерка за транзиција во животната средина, Тереза ​​Рибера, не гледа можност за солидарност на земјата со членките на ЕУ кои може да бидат погодени од недостигот.

„Ќе ги браниме европските вредности, но нема да прифатиме жртва во врска со прашање за кое не ни дозволија да дадеме мислење“, се спротивстави Рибера.

„Што и да се случи, шпанските семејства нема да страдаат од намалување на гасот или електричната енергија во нивните домови“, додаде таа.

Португалскиот министер Жоао Галамба исто така е „целосно против“ планот за штедење на Комисијата. Тој смета дека планот нема многу логика бидејќи Португалија, како и Шпанија, речиси и не е поврзана со остатокот од Европа со гасоводи, па не може ни да им помогне на оние кои нема да имаат доволно гас.

„Планот не ги зема предвид разликите меѓу земјите“, рече Галамба.

Слично размислуваат и Грција и Кипар, кои се прашуваат како нивниот заштеден гас ќе стигне до северните земји на Европа во случај на потреба, ако тие не се поврзани со соодветни гасоводи.

„Чудно е како Комисијата можеше да го објави тоа соопштение без сериозни консултации“, изјави грчкиот министер за енергетика Костас Скрекас. Предлогот на Комисијата не е поддржан ниту од Полска, која ги наполни своите складишта за гас за дури 98 отсто, што е ретко во која било земја во Европа.

„Механизмот на солидарност не смее да доведе до намалување на енергетската безбедност на која било членка“, нагласи Ана Москва, полската министерка за клима.

Незадоволен од реакциите, германскиот вицеканцелар Роберт Хабек ги критикуваше земјите кои не се подготвени да го поддржат кризниот план на Комисијата.

„Мора да заштедиме енергија во Европа, а пред се гас. Тоа значи и дека земјите кои не се директно погодени од намалувањата на гасот од Русија треба да им помогнат на другите земји. Во спротивно нема да има европска солидарност“, рече Хабек.

Заштедата на гас од 15 проценти, предложена од Комисијата, треба да биде доброволна за сите членки на ЕУ во првата фаза. Доколку ситуацијата со овој извор на енергија дополнително се влоши и ако постоеше „голема опасност“ од недостиг во Европа, ќе дојдеше до следната фаза на заштеди, во која Комисијата ќе добие право да наложи задолжително намалување на потрошувачката на гас на сите земји, со можни казни за членовите кои не штедат при трошењето.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП