18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНемаме море, но институционално недоволно ги промовираме на туристите нашите езера, планини...

Немаме море, но институционално недоволно ги промовираме на туристите нашите езера, планини и останати природни убавини!

Барањето за формирање на министерство за туризам во Македонија од страна на туристичките работници многу брзо се прошири кај повеќе инволвирани институции и поединци во оваа дејност. Туристичките работници сметаат дека на тој начин ќе се стави посебен акцент на туристичката дејност, ќе има поголема можност за развој на оваа стопанска гранка, а со тоа и приходите во државниот буџет би биле драстично поголеми од сегашните. Од владата засега немаат конкретен одговор, дали се за или против оваа идеја на туристичките работници.

Доколку сакаме во туристичкиот сектор да видиме инвестиции, сериозно зголем број на туристи, агенциски и државни понуди на туристички локалитети во внатрешноста на државата, значително подобрена услуга од страна на туристичко – угостителските  работници тогаш треба да бидеме сигурни дека во Македонија е потребно формирање на Министерство за туризам. Ова е ставот на поголемиот број на туристички работници во земјава, кои вистински се обидуваат да придонесат за развој на оваа дејност. Ако годинава задоцнивме, тоа што треба прво да се направи за следната летна сезона е државава да има посебно министерством кое ќе се занимава исклучително со туризам и угостителство. Вака размислува еден од најискусните туристички работници во земјава Ангел Димитров, кој повеќе од 50 години се занимава со оваа дејност.

„Следната година, формирање на министерство за туризам треба да биде број еден. Тој механизам ќе го раздвижи другиот механизам. Единствено тоа. Во овие рамки, во одделението за туризам нема толку енергија и толку сила со мал број на вработени да се покрене нешто посериозно и поголемо. Во сите околни држави, кои сериозно, во милијарди ќе бројат промет оваа туристичка сезона, повторувам во милијарди евра, секаде има министерство за туризам. Не е можно Црна Гора, држава до 600.000 жители да има Министерство за Туризам и да остварува добивки во милијарди евра, а ние да го “поддржуваме“ туризмот со само 4 вработени во секторот туризам. Туризмот во светот е трета индустриска гранка, во Македонија 103-та“, вели Ангел Иванов туристички работник

Со свој став излезе и Асоцијацијата на хотелиери во земјава, од каде сметаат дека со воведувањето на ново министерство во владата, во случајов за туризам би можело да се стави крај на многу проблеми што го засегаат овој сектор. Од ХОТАМ велат дека владата мора да има слух за ова барење, бидејќи земјава многу доцни во однос на развојот на туристичкиот сектор во однос со земјите од регионот.

„Треба да се има едно министерство за туризам кое ќе работи и делува посебно и така би се решавале повеќето проблеми кои секогаш ги споменуваме од типот на усогласување, туристичка полиција, и друго што ни недостасува во туризмот кои би биле во надлежност на тоа министерство“, велат од  ХОТАМ.

Денар побара став од Владата, кои се нејзините размислувања и дали има простор сега да започне процедура на формирање на министерство за туризам. Поминаа неколку дена, но одговор од Илинденска број два не добивме. Се обративме и до министерството за економија, под чија капа е секторот туризам. Побаравме став од нив, дали е потребана поголема заложба во однос на посветеноста на државата во однос на туристичката гранка. Но, и од оваа институција не добивме конкретен одговор.

На оваа тема став побаравме и од долгогодишниот прв човек на Агенцијата за промоција на туризмот во Македонија Љупчо Јаневски. Тој вели не само ресорно министерство, туку и воведување на Национална туристичка организација која што ќе раководи со посебна туристичка инспекција и воведување на туристичка полиција кои ќе стават ред и дисциплина во оваа дејност. 

„Сега е вистинско време за создавање на министерство за култура и туризам, како и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот да прерасне во Национална Туристичка Организација. Создавање на дестинациски менаџмент, организации исток, запад, север, југ. Нова долгорочна стратегија за туризмот 2023-2033. Стратегија за привлекување на инвестиции во туристичката индустрија. Формирање на туристичка инспекција. Нов закон за туристичка дејност. Нов модел за субвенционирање концентриран на подобрување на секторот“, вели Љупчо Јаневски директор на АППТ.

Според официјалните податоци, девизниот прилив од ставката туризам во првиот квартал за 2022 година е 78.52 милиони долари што е за 8,45% поголем споредбено со истиот период 2019 година. Со ова темпо се очекува 400 милиони долари девизен прилив во БДП од туризмот за 2022, со што ќе се надмине 2019 година која беше оценета за одлична во однос на остварените приходи во оваа дејност.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП