27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГраѓани и фирми „фаќаат кривини“ за да не плаќаат давачки кон државата...

Граѓани и фирми „фаќаат кривини“ за да не плаќаат давачки кон државата – преку сивата економија земјава губи 2,5 милијарди евра годишно

Граѓани и фирми фаќаат кривини за да не ги плаќаат давачките кон државата. Годишно земјава губи 2,5 милијарди евра – пари кои наместо во домашниот Бруто-домашен производ завршуваат во нечии џебови. „Колкава е нашата сива економија? На ова прашање одговори дава новото истражување на – Институт за економски истражувања и политики „Finance Think“.

Анализата покажала дека сивата економија во 2020 година опфаќа 23,2 проценти од Бруто-домашниот производ. Според истражувањето, недовербата во системот, односно нискиот даночен морал на населението, високота корупција и неефикасните институции, се главните причини граѓаните наместо легално, да се обидуваат да заработат заобиколувајќи го системот.

„Зошто е висока сивата економија на Западен Балкан? Има студии поради нискиот даночен морал. А зошто има низок даночен морал кај луѓето? Тоа значи самиот вредносен систем кај граѓаните е поинаков во поглед на потребата, обврската да плаќаат даноци. Причините се високата корупција, политичка нестабилност и третиот фактор е како државата ги троши парите“, вели Бојан Србиноски од „Finance think“.

Анализата вклучува две групи фактори со потенцијално значење за сивата економија: даночните политики и политиката на минимална плата. Истражувањето покажало дека повисоките и скалести даноци ја зголемуваат сивата економија, слично како и поголемиот даночен товар (персонален данок и социјални придонеси) на платите. Од друга страна, поголемиот капацитет за прибирање даноци од страна на даночните власти влијае врз намалување на сивата економија, но ефектот е статистички незначаен.

„Сепак, земени заедно, ефектот од повисоки даноци со ефектот од капацитетите на даночната управа, укажуваат дека во услови на исцрпен простор за намалување на даночниот товар (со исклучок на парафискалните давачки), каква било потенцијална реформа на директните даноци, првенствено на даноците на трудот, ќе се одрази негативно врз сивата економија доколку не е придружена со зајакнати капацитети на даночните власти за прибирање на даноците и јакнење на даночниот морал на населението“, стои во анализата на „Finance think“.

Додека пак воведувањето на минималната плата во 2012 година придонело за намалување на сивата економија, што може да се толкува како формализирање на плати кои претходно (делумно или целосно) се исплаќале во готовина. Но, анализата покажува дека зголемувањето на уделот на минималната во просечната плата стимулира сива економија.

„Последново веројатно го опфаќа ефектот на деформализација на дел од плаќањата кон работниците со минимална плата кога работодавачот проценува дека таа станува голем товар за компанијата. Спротивен ефект, ефект на намалување на сивата економија, има буџетската поддршка (субвенција) на минималната плата, за која неопходно е да се земат предвид и буџетските импликации и префрлање на товарот врз даночните обврзници. Овој наод укажува дека минималната плата е неопходно да расте во согласност со продуктивноста на трудот, со паралелно јакнење на капацитетите за спроведување на регулативата во сферата на работните односи“, стои во анализата.

Од институтот велат дека на хартија има стратегии за сузбивање на работата на црно и неплаќањето на даноците, но нивната имплементација е погрешно насочена.

„Ние имаме национална стратегија за сузбивање на сивата економија имаме и оперативен план, но имплементацијата значајно уназадува. Многу малку имаме пристапи каде што ние работиме од доле, односно тие што се најзасегнати да се работи со нив. Тоа се инспекторатите, мора да се работи со нив“, вели Благица Петрески од Finance Think.

Од Институтот се децидни дека високите казни не се лек за сузбивање на сивата економија, туку функционалните институции.

„Без разлика колкави се казните, вие ако подигнувате казни, а имате слаб институионален механизам и коруптивен механизам, тогаш колку ги подигнувате тие казни, толку попрофитабилно му правите на тие корумпирани субјекти да профитираат од повисоки казни бидејќи можат да сокријат сива економија, да земат некој профит и таа да остане недетектирана доколку казната е повисока. Значи мислам дека со порестриктивни казни може негативно да се одрази“, вели Бојан Србиноски од „Finance think“.

За 14 години процентот на сива економија е намален за осум проценти. Ова се должи во најголем дел поради воведувањето и зголемувањето на минималната плата и воведувањето на рамниот данок во 2008 година. Змјава не отскокнува од балканскиот просек за сива економија кој се движи меѓу 20-30 % од БДП. За разлика од балканските земји, на пример во Хрватска сивата економија учествува со 10% во БДП. Но што е потребно за таа да се намали?!

„Генерално, наодите укажуваат дека е неопходно дизајнирање политики за зголемување на продуктивноста на долг рок, и тоа преку создавање и стимулирање домашен конкурентен пазар преку релаксирање на регулативата и либерализација на трговијата, преку зголемување на квалификуваноста на работната сила преку реформирање на образовниот систем, преку насочување на средства кон истражување и развој, и преку зголемување на ефикасноста на јавната администрација за да се намали товарот врз приватниот сектор“, стои во анализата.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП