28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУкраинскиот парадокс: Силосите се полни, но ќе гладуваат десетици милиони луѓе ширум...

Украинскиот парадокс: Силосите се полни, но ќе гладуваат десетици милиони луѓе ширум светот

Станува сè појасно дека пристаништата во регионот Одеса во јужна Украина треба итно да се отворат за да се спречи глобална криза со храна.

На 10-ти мај, украинскиот претседател Владимир Зеленски ја повика меѓународната заедница да преземе итни чекори за да ја прекине руската блокада на пристаништата во неговата земја за да се овозможи снабдување со пченица и да се спречи глобална криза со храна, објави „Emerging Europe“.

Украина е еден од најголемите извозници на пченица и пченка во светот.

Откако црноморското пристаниште Одеса беше погодено од проектили, Зеленски коментираше: „За прв пат по децении, нема нормално движење на трговската морнарица, нема нормално функционално пристаниште во Одеса. Ова веројатно не се случило во Одеса по Втората светска војна“.

Според него, без украинскиот земјоделски извоз, десетици земји во различни делови на светот веќе се на работ на недостиг на храна, а со текот на времето ситуацијата може да се влоши.

Повикот на Зеленски за прекин на блокадата на Одеса дојде само неколку дена откако Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP) упати сличен повик. Организацијата вели дека само повторното отворање на пристаништата во Украина може да ја спречи претстојната закана од глад во некои делови од светот.

Силосите се полни

„WFP“ рече дека овој потег ќе овозможи храната произведена во Украина слободно да тече во остатокот од светот, како и да се избегне фрлање илјадници тони жито.

„Во моментов силосите за жито во Украина се полни. Во исто време, 44 милиони луѓе ширум светот гладуваат. Треба да ги отвориме овие пристаништа за да може храната да влезе и да излезе од Украина. Светот го бара тоа бидејќи стотици милиони луѓе ширум светот зависат од овие резерви“, рече извршниот директор на „WFP“, Дејвид Бисли.

„Нашето време истекува и цената на неактивноста ќе биде поголема отколку што некој може да замисли. Ги повикувам сите инволвирани страни да дозволат оваа храна да патува од Украина до онаму каде што е најпотребно за да можеме да ја спречиме заканата од глад“, рече тој.

Чарлс Мишел, претседател на Европскиот совет кој ја посети Одеса претходно оваа недела, исто така рече дека видел силоси полни со жито, пченица и пченка што не може да се извезат.

Според „WFP“, доколку пристаништата повторно не се отворат, украинските земјоделци нема да имаат каде да ја складираат следната жетва, која ќе ја соберат во јули и август.

„Резултатот ќе биде залудно потрошени планини од жито, а во некои земји има катастрофална криза со глад“, додава организацијата.

Цените на храната растат

Пред руската инвазија на Украина на 24-ти февруари, најмногу храна произведена во Украина се извезуваше од нејзините седум пристаништа на Црното Море. Повеќе од 50 милиони метрички тони жито поминале низ пристаништата во осумте месеци пред војната, а извозот е доволен за да се прехранат 400 милиони луѓе.

Немирите предизвикани од војната доведоа до рекордно високи цени на храната. Во март извозните цени на пченицата и пченката пораснаа за 22% и 20%, соодветно, како дополнување на остриот пораст во 2021-ва година и почетокот на 2022-ра година.

Киев почна да пренесува дел од својот клучен извоз преку романското пристаниште Констанца, главно земјоделски производи. Сепак, метежот на пристаништето, како и некомпатибилноста на украинските и романските железници, го ограничуваат количеството на стока што се движи оттаму. Минатиот месец романската влада објави планови за „брза“ рехабилитација на железничката линија од Украина преку Молдавија до пристаништата во земјата, но не прецизираше временска рамка за завршување на проектот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП