Европската комисија предложи најстрог пакет санкции против Русија, кој вклучува ембарго на нафтата, што би се воведувало во фази поради инвазијата на Украина.
Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен рече дека ембаргото ќе значи „целосна забрана за увоз на руска нафта, по море и нафтоводи, сурова и преработена“ и ќе биде воведена во неколку фази за да им се даде доволно време на земјите на ЕУ да најдат алтернативни извори на енергија.
За предлогот да биде одобрен, потребна е поддршка од сите 27 земји-членки на ЕУ, а некои земји веќе изразија противење на идејата.
„Денес го решаваме прашањето за нашата зависност од руската нафта и, да бидеме јасни, нема да биде лесно“, изјави Фон дер Лајен пред Европскиот парламент во Стразбур.
„Некои земји се многу зависни од руската нафта, но ние едноставно моравме да го направиме тоа“, додаде таа.
Претставниците на земјите од ЕУ сè уште не постигнале договор, но се очекува разговорите да продолжат во четврток.
Како забраната би влијаела на економиите на ЕУ?
Русија е најголемиот снабдувач на нафта во Европа. Во 2020 година учествуваше во увозот на нафта со 26 отсто.
Најголеми купувачи на руска нафта се Германија, Полска и Холандија.
Од почетокот на она што Кремљ го нарекува „специјална воена операција“ во Украина пред два месеци, Европа и плати на Русија 14 милијарди евра за увоз на нафта, според Центарот за истражување на енергија и чист воздух.
Европската комисија итно бара алтернативни извори на снабдување за да ги намали трошоците за забрана за увоз на руска нафта, но поради немањето ефикасни и поволни алтернативи, се чини дека ЕУ ќе се соочи или со повисоки трошоци за енергија или со забавување на економската активност.
Рускиот политички аналитичар Андреј Онтиков изјави за Ал Џезира дека Москва најверојатно ќе најде други купувачи надвор од Европа, вклучувајќи ги Кина и Индија, и тврди дека ЕУ ќе мора да плати повеќе за алтернативен увоз на нафта.
„Европските земји си пукаат во нога“, рече тој.
„Не можам да ги замислам цените по кои тие земји би можеле да добијат нафта на друго место. „Можеби САД ќе им обезбедат сурова нафта, но повторно, по која цена?“, праша тој.
Руската новинска агенција РИА го цитираше Владимир Џабаров, првиот заменик на Комитетот за меѓународни односи на Горниот дом на рускиот парламент, кој рече дека Европа ќе продолжи да купува руска нафта преку трети земји по воведувањето ембарго.
Зошто природниот гас не е вклучен во планот за санкции?
Природниот гас допрва треба да стане цел на санкции. Потенцијалната забрана сè уште не е соодветно дискутирана на ниво на ЕУ, бидејќи блокот зависи од тоа.
Во 2021 година, ЕУ увезе повеќе од 40 отсто од вкупната потрошувачка на гас од Русија.
Таа година енергентите сочинуваа 62 отсто од вкупниот увоз на ЕУ од Русија, а во 2011 година достигна дури 77 отсто. Иако падот е забележлив, блокот има долг пат да помине за да ја прекине зависноста од руските енергенти.
Комисијата на ЕУ презеде одредени чекори за да ја прекине зависноста од рускиот гас и на 8 март објави план за драматично намалување на увозот на руски гас пред крајот на оваа година и да стане целосно независна од руските фосилни горива до крајот на деценијата.
Кои земји негодуваат на предлогот?
Унгарија, Словачка, Чешка и Бугарија се загрижени поради планот за ембарго.
Словачка ја увезува речиси целата своја сурова нафта од Русија, преку нафтоводот Дружба од времето на Советскиот Сојуз, и се приклучи на Унгарија, која исто така е многу зависна од руските испораки, во барањето за изземање од ембаргото.
„Се согласуваме со санкциите, но потребен ни е период на транзиција додека не се прилагодиме на ситуацијата“, изјави словачкиот министер за економија Ричард Сулик.
„Она за што зборуваме е времетраењето на транзитниот период.
Унгарија вели дека нема да го поддржи предложеното ембарго бидејќи тоа ќе ја уништи нејзината енергетска безбедност.
Според министерот за надворешни работи Петер Сијарто, Унгарија би го прифатила предлогот само доколку од ембаргото биде исклучена испораката на сурова нафта преку нафтоводи.